Бродски дневник на Ивана: „Работев како фотограф – гостите добиваат мини инфаркт кога ќе ја слушнат цената, па децата крадат“

Најтешкиот дел од работата е продажбата на фотографиите. Сликањето е без обврска, гостите можат да се фотографираат колку што сакаат и не се обврзани да купат ги фотографиите, можат да ги купат само оние што им се допаѓаат или воопшто да не купат ништо. И во таа продажба се најинтересните случки, ценкања, обиди да крадат и, она што најмногу ме нервира, со својот мобилен телефон да ја сликаат фотографијата бидејќи е „многу е скапа“.

brodski-dnevnik-na-ivana-rabotev-kako-fotograf-gostite-dobivaat-mini-infarkt-koga-kje-ja-slushnat-cenata-pa-decata-kradat-001.jpg

Веќе осум години работам како фотограф на брод, а тоа значи директно работење со гостите, нивно сликање, продажба на фотографиите и апарати, понекоја свадба и друг семеен настан. Фотографирањето е најлесниот дел од мојата работа - ќе дојдат во студио, ќе направат неколку различни пози. Јас лично сакам да користам аксесоари во студиото и различни позиции на светлата за крајниот резултат да биде интересен, креативен и, секако, добар за продажба.

Па, кога сме во галерија, треба да сме полицајци, бидејќи се крадат фотографии, а највешти во тој бизнис се Бразилците и Италијанците од Неапол, морам тоа да го нагласам. Имам менаџер од Италија и тој ги мразеше наполитанците како муштерии.

Ги тераат децата да крадат

Цената на една фотографија е 20 евра или 20 долари, во зависност од рутата на крстарењето.

Ама, постојат пакети на фотографии, најпродаван - ако купиш 5 ќе добиеш уште 5 гратис и плус дигиталната верзија. Но, за многумина од гостите 20 евра е висока сума, па добиваат мал инфаркт кога ќе ја слушнат цената. Сепак, креативноста и кршењето на законот се добри пријатели, па ние, фотографите, мора со четири очи да пазиме. Звучи лудо, ама така е.

Беше медитеранска сезона, главно пристаниште Џенова, следниот ден Бари, а тоа значи многу наполитанци на брод бидејќи со воз или автомобил доаѓаат до пристаништето.

brodski-dnevnik-02.jpgФото: Cruise Fever

Две случки ќе ми останат засекогаш во меморија. Јас бев на мојот втор договор тогаш, па уште не бев доволно запозната со лепливите прсти на гостите.

Наполитанците доаѓаат на крстарење во племе, цели фамилии, со баби и дедовци, чичковци, тетки и многу деца, мнооогу деца. Па така, седам јас во галерија и детето, имаше околу 10 години, цело замотано во крпа од базен. Ама, крпата некако коцкеста ми се гледа. Се приближив да прашам дали му треба помош, а тоа цело збунето.

Некако се исплаши и од под крпата му падна цела папка со фотографии, и тоа од големите со димензии 30×35cm. Гледаше накај барот, таму мајка му го чекаше и му даваше инструкции. Таа веднаш се стрча и демек дете не знае дека не смее! Хммм… ако не знаел дека не смее зошто ги крие, би ги зел и само би излегол од галерија, нели?

Втората случка е исто така со италијанска фамилија. Бидејќи им биле скапи фотографиите решиле да си ги скријат во количката од бебето. Ама, колегите мои беа поитри од нив и ги фатија. И истиот изговор, не знаев дека не смее. Да, не знаевте, а пред пет минути на каса се жалевте дека се скапи фотографиите?

И повозрасните крадат

Беше тоа долго крстарење, трансатлантско крстарење, од Италија до Јужна Америка, со крајна дестинација Аргентина. Гостите, пензионери - 98 проценти од нив беа над 65 години. И си мислев дека тоа ќе биде лесно крстарење. Ама не… стари, невини, наивни, и тие крадат.

Пар од Франција, се скрија во едно ќоше од галеријата. А кога некој така се крие е знак дека нешто лошо планира. Ама бев љубопитна до каде ќе одат.

Сопругата чуваше стража, ме гледаше под око, а тој си ја откопча кошулата, си ги стави фотографиите направени во ресторан и се закопча. И тоа три фотографии.

Па заедно излегоа без око да им трепне. Тргнав по нив, а тој го забрза чекорот и се разделија. Одма отидов на рецепција и по името на ресторанот ги најдовме. Им наплативме директно на сметката од собата. Очекував дека ќе дојдат да се жалат, но не. Веројатно сфатија дека ги фативме на дело.

brodski-dnevnik-03.jpgФото: Cruise Critis

На истото крстарење, постар пар, за време на распродажбата на Црн петок украле седум брендирани торби. Мислеле дека нема да ги фатат бидејќи беше вистински хаос и тепачка за попусти. Ама, бродот е како „Големиот брат“, камери на секој агол, па заедно со тимот за обезбедување ги најдоа и секако им наплатија.

Другарка која работи во Shop Department ми раскажа дека после тие се бунеле и сакале да ги вратат украдените торби, чија цена била околу 3000 евра, но менаџерот не прифатил и морале да си ги платат.

Ем крадат, ем лажат

Најинтересно е кога се обидуваат да нè излажат, како ние вработените од Марс да сме паднале.

Еден девојка, Бразилка, си ги собрала нејзините фотографии и си излегува од галеријата без да плати. Откако сликите се платени ние ги пакуваме со посебна папка и во кеса со логото, а тоа за нас е знак дека се платени.

Ама, ако излезат од галерија без да платат тогаш фотографиите се во папка која е како пресечено пластично плико и служи само за средување на сликите во излог.

brodski-dnevnik-05.jpgФото: Cruise Critis

И именуваната си излегува и трчам по неа: „Извинете госпоѓо, треба да ги платите фотографиите, Ве молам следете ме до каса“. И таа цела навредена почнува да ми се дере од петни жили: „Ти ме нарекуваш крадец, јас си ги платив фотографиите!“ - бла бла...

Во тој момент само ѝ покажувам како сликите би биле спакувани после плаќање. Не рече ништо, ми ги фрли фотографиите в лице и ми рече дека не ѝ се допаѓаат, дека била грдо излезена. Ок, за крадење се убави, за плаќање се грди! Ги тргнав нејзините фотографии внатре и менаџерот само покажа нејзина слика и рече никој повеќе во текот на крстарењето да не ја слика.

Имам уште многу случки, кога ги сликаат фотографиите со мобилен па им кажуваме да ги избришат. Тука ни држат лекции по право, како тие имале право на фотографиите бидејќи биле нивни, и така до бескрај.

Или оние кои доаѓаат да се ценкаат и да молат за попуст, како ние да ги правиме сликите. „Многу ви се скапи фотографиите, еве ќе ти платам пет евра или ништо“ – не сфаќаат дека ние само работиме таму.

brodski-dnevnik-04.jpgФото: Adventour Begins

Ама како што има „стиснати“ гости, имам и гости кои обожаваат да се сликаат и си купуваат All inclusve пакети на фотографии, па дури и приватни фотосесии. Имам колега кај кого некоја постара гостинка речиси гола се сликала во џакузи.

И така, како што вели баба ми „300 људи, 300 чуди“, секое крстарење имаме по некој „пациент“ со приказни вредни за раскажување.

Ивана од Скопје има работено на брод 8 години. Моментално живее во Бразил, а по пандемијата повторно ќе продолжи со работа. Во наредниот период таа за CRNOBELO.com ќе споделува лични искуства и приказни од работата на брод.

Сите статии од серијалот „Бродски дневник“ може да ги прочитате ТУКА.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

И. Ј. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Коктел 15 евра, грчка салата 10 евра: Како се движат цените на Tigania, една од најубавите плажи на ... Плажата позната како „грчки Кариби“ е меѓу најскапите на вториот крак, а храна и...
„Бев во два живописни града во Романија, патував 8 часа со автобус од Скопје – цените беа исти како ... „Прошетките по живописните улички на Темишвар и Сибиу, скромната невеста што поз...
Бев на одмор во Грција во средината на септември - Зошто ми се допадна летувањето на крајот од сезон... Единствената лоша страна на летувањето вон сезона, на крајот на септември, е тоа...
Кафе и лежалка 4 евра, гиро 4 евра – Како се движат цените на плажа во Неи Пори во 2024? По празникот Духовден и споениот викенд, туристите во Неи Пори велат дека веќе г...
Српска блогерка споделува: Колку пари се потребни за посета на спомениците низ Истанбул? За посета на Аја Софија ќе ви требаат 25 евра, за Токапи палатата 45... Колку па...
Предлози за викенд во Солун: Музеј на селфи, лизгалиште и забавен парк за целото семејство Топло време, чист воздух, новогодишно декориран: Солун во предновогодишна атмосф...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg