Вулканскиот црн бисер - Тенерифе
Тенерифе е еден од најубавите Канарски острови. Сместен е на истиот меридијан како и Флорида и Кариби и територијално и припаѓа на Шпанија, иако од неa е оддалечен 1.500 km, а поблизу е до африканскиот брег и Мароко.
Овој остров настанал како резултат на вулканска ерупција пред 12 милиони години, а сегашниот облик го добил како резултат на спојување на три различни острови.
За Тенерифе кружат приказни дека е всушност исчезнатиот остров Атлантида, кој не се знае со сигурност како допловил онаму каде што е денес.
И покрај тоа што и припаѓа на Шпанија, населен е со Африканци, Јужноафриканци, Англичани, а во последните години се доселуваат и Германци, Скандинавци и Американци.
Тенерифе уште го нарекуваат и „Остров на спротивности“ бидејќи јужниот дел од островот има повеќе сончеви часови од северниот, на кој доминираат вулкански пејзажи и пустински пространства.
Во срцето на Тенерифе, сред националниот парк се наоѓа највисокиот врв на Шпанија – Pico del Teide. Како и целиот остров така и овој врв кој е висок 3715 м е од вулканско потекло. Од самиот врв сè уште излегуваат плински гасови и го бојат во жолта боја, па првите жители на овој остров го нарекле „Врвот на пеколот“ или Pico del Teide.
Оваа вулканска планина е заштитена во 2007 година од страна на UNESCO и е прогласена за една од 12 богатства на Шпанија заради единствената текстура и облици кои можете да ги сретнете само тука.
Главен град е Санта Круз, модерен со многу споменици и културни атракции за посетителите, карневали, специфична кујна, цркви, монументи и што уште не.
На само 10 км северно од овој град се наоѓа популарната бела плажа Las Teresitas која е направена од бел песок, довезен од пустината и се разликува од сите други плажи на островот кои се покриени со црн вулкански песок и стврдната лава.
Во западниот дел од островот, каде температурите се нешто пониски, обично одмараат постари туристи, претежно британци. Ова е место кое од секогаш било познато како одморалиште за богатите со висок стил.
Едно од поновите одморалишта наречено „Плажите на американците“ е најпосетеното на островот за оние кои се желни за сонце и море. Ова место е преполно со ресторани, хотели и апартмани за кои не можете да процените кој од кој е поубав.
На Тенерифе постојат и стари населби во кои живее локално население кое главно се занимава со риболов или одгледување на винова лоза. Токму од Тенерифе потекнуваат и едни од најквалитетните шпански вина.
Накратко, Тенерифе е остров кој едноставно морате да го доживеете ако имате шанса за тоа. Прекрасен сплет од модерно и традиционално, култура и забава, плантажи со овошје и морска храна, квалитетно вино и коктели на плажа – зависи кој во што ужива.