Вистински карневал на земјата - Маракеш (Мароко)
Маракеш е живописен, бивши главен град на Мароко, познат по своите пазари, фестивали, криминалци, побожни верници и сиромаштија, пороци и интелектуалци – вистинска палета од разновидност.
Опкружен со непрекинати ѕидини долги 9,7 км овој град се истакнува со своите грандиозни кули и тврдини чии сенки се протегаат на богатото црвено тло, кое кога сонцето ќе блесне се прелева во боја на праска. При крајот на денот, земјата добива прекрасна пурпурна боја. Додека шетате низ шарените и широки авении кои наликуваат на лавиринт, преполн со врева , ќе поминете пред грандиозни рушевини од древна архитектура, ќе видите многу добиток натоварен со роба, работилници во кои се изработуваат дрвени и плетени предмети, амами кои испаруваат, стари џамии и модерни и луксузни хотели.
Пулсирачки центар на овој град е пазарот Џема ел Фна. Овде ќе ве зашеметат опојни мириси и заглушувачка врева која потсетува делумно на таинствена зоолошка градина, делумно на карневал, кој сепак мора да го видите за да верувате.
Овде ќе ве сретнат акробати, дресери на мајмуни, уметници кои сликаат на телата на туристите со помош на кна, како и дами целосно покриени со велови кои продаваат традиционален накит или просат со испружени дланки. Чудно е како сите се едноставни гладни за вашето внимание.
Жонглерите и претскажувачите на судбина се борат за свое место со магионичарите, со трансвеститите кои пеат и свират чинели, со голтачите на оган и гатачите. Овде ќе сретнете и боксери, астролози, мажи по чии лица се шетаат отровни скорпии и други кои придонесуваат за овој земски циркус.
Ако сето ова сепак ви здодее, можете да седнете на некој од балконите на локалите и пиејќи кафе да го гледате лудилото под вашите нозе.
Дочекајте го и залезот на сонцето, зашто тогаш сите околни градби добиваат прекрасни портокалови, сини и розеви бои, после кои се палат стотици плински светилки, кои фрлаат магични сенки. Карневалската атмосфера во овој град стивнува во ситните часови, за повторно да зоврие со изгрејсонцето.
Овој град познат е и под името “Група на мртвите” заради смртните казни кои во минатото им се изрекувале и на најситните криминалци, но ако денес се одлучите да го посетите сепак внимавајте на својата чанта.