Шарени продавнички, штандови за вафли и разџагорени улици - Зошто да го посетите Брисел во најскоро време?
Брисел – ако сè уште ја немате посетено белгиската престолнина, тоа направете го во најскоро време. Ако случајно одите во Амстердам, Париз или Келн, за само неколку часа можете да стигнете до најкосмополитскиот град во Европа, со многу паркови, шуми, музеи, концертни сали, уметнички галерии, винтиџ продавници, книжарници и вкусна храна од четири страни на светот.
Без разлика во кој дел од градот ќе се сместите и колку дена ќе престојувате, скоро секој турист истражувањето на Брисел го започнува од Гранд Плас.
На пространиот плоштад ќе се сретнете со стотици туристи кои фасцинирано ќе гледаат во градското собрание од едната страна, Градскиот Музеј во Брисел и приватните куќи кои се изградени уште во 17 век.
Моја препорака е да го посетите Гранд Плас и дење и ноќе – како да станува збор за сосема различни места кои ќе ви го забават здивот барем на неколку секунди.
Можеби ќе ви звучи чудно, но скулптурата Манекен Пис, изградена во 15 век, привлекува исто толку туристи како и секоја добропозната локација во која било европска метропола.
Всушност станува збор за бронзена скулптура на момче од околу педесетина сантиметри кое уринира и постојано може да се види во различна облека.
Со текот на времето, ова мало човече станало симбол на Брисел, како и на темпераментот и палавоста на локалците кои се преточуваат преку него.
Она што го дознав е дека оригиналот се чува во бриселскиот градски музеј, зашто порано неколкупати бил украден.
Наоколу се наоѓаат еден куп продавнички и сувенирници со мотивот на момчето. Од маици, приврзоци, па сè до чоколади, но и вафли во облик на пенис. Ова им е посебно забавно на туристите.
И уште ова, постојат уште две статуи во овој стил: девојче и куче што уринираат. Потрудете се да ги најдете во околина за да ја имате комплетирано целата листа.
Мора да се посети и Мон де Артс, урбан комплекс и историска локација во самиот центар на Брисел. Комплексот е составен од Кралската библиотека на Белгија, Националниот архив на Белгија, Конгресниот центар „Плоштад“, како и јавна градина која претставува зелена транзиција помеѓу долниот и горниот дел на Брисел.
Токму во градината можете да направите кратка пауза од разгледување и да уживате во погледот што се простира пред вашите очи.
Ова е само мал дел од она што Брисел може да го понуди... Тука е и Паркот на педесеттата годишнина, препознатлив по триумфалната капија со бронзена кочија. Катедралата Свети Михаил и Гудула, изградена во 1047 година е знаменитост што ги привлекува посетителите, како и прочуениот Атомиум, огромен модел на молекула на железо кој се наоѓа на секој документарец и разгледница за Брисел.
Од голема важност е и паркот „Мини Европа“ во кој се сместени замоци, градски сали, тврдини, улици и плоштади од Стара Европа.
Од друга страна, немојте да го заборавите квартот Дансаерт во Брисел. Откако ќе се прошетате околу црквата Сен Кетрин, продолжете низ тесните и калдрмисани улички кои се начичкани со различни ресторани, уникатни продавнички и барови.
И ако дента има сонце, пробајте да најдете слободна масичка на Сен Жери каде ќе бидете опкружени со еден куп луѓе, секој облечен на свој начин, и ќе слушате јазици од цел свет.
Кога станува збор за ноќен живот, во Брисел имате секакви можности.
Од Delirium Café кое е преполно со туристи и ја има една од најголемите понуди на пива, на странци добро познат им е и барот Celtica, потоа ноќниот клуб Fuse кој е збирно место за сите кои сакаат техно-музика.
Тука е и Bonnefooi кој за викенд ги отвора вратите со различни уметнички перформанси и диџеи, а во C12 секој петок и сабота има различни настани кои сигурно ќе ви се допаднат.
Штом ќе патувате за Белгија знаете дека оваа земја изобилува со избор на пива, па во тој случај препуштете се на дегустирање и барање на најсоодветното пиво за вас. Бидете подготвени затоа што има околу 1.500 различни видови пиво.
Самите ќе си одлучите, но ова се некои брендови на кои треба да им дадете шанса: Duvel Moortgat, La Chouffe, Gulden Draak, Hoegaarden, Quadrupel...
Никако не смеете да ги заборавите и белгиските вафли. Можеби ви изгледа необично, зашто вафли се продаваат низ цел свет. Но кога ќе шетате по улиците на Брисел, скоро на секој чекор ќе видите продавничка која продава вафли и никако нема да останете рамнодушни од ова слатко задоволство.
Немојте да испуштите и по една порција пржени компирчиња кои се сервираат со различни сосови.
При самиот крај ќе додадам дека во некои моменти Брисел може да ви изгледа валкан, посебно во деновите кога жителите пред своите куќи и згради ги изнесуваат ќесите со ѓубре. Ако барате префинетост и чистотата, најверојатно е дека нема да ги најдете во Брисел.
Тука се и временските услови, иако најчесто паѓа дожд, кога ќе огрее сонце целиот град се претвора во попријатно место.
Како и во секоја метропола и тука ќе видите голем број бездомници, овие слики скоро се идентични со најголем број европски градови.
Сепак, со какви спомени ќе се вратите од Брисел зависи од вас. Никој не може да остане рамнодушен на разџагорените улици и паркови, архитектурата, муралите, шарените продавнички, вкусните штандови за чоколади и вафли, збирот на различности и изборот на културни и музички настани што кружат низ градот.
Тргнете за Брисел без многу очекувања, така ќе можете да се вратите со многу нови искуства и доживувања.
© CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Е. Х. | Црнобело