Шминкајте се и кога сте уморни – 6 правила за елеганција од Коко Шанел
Не дозволувајте заморот да ве натера да не обрнувате внимание на сопствениот изглед. Носете парфем за да си го подобрите расположението. Што научивме од Коко Шанел за безвременската елеганција?
Речиси и да не постои човек што не слушнал за Коко Шанел и што не знае за нејзиниот револуционерен пристап кон модата. Но, Коко истовремено е и симбол за елеганција, за безвременска убавина и класична мода.
Затоа, нејзините совети за добро облекување и ден-денес се интересни и може да ви помогнат многу при изборот на совршените парчиња облека.
Во продолжение издвојуваме 6 совети за елегантен изглед од Коко Шанел:
Безвременска елеганција
Коко била уверена дека секогаш „помалку е повеќе“, особено кога станува збор за облекувањето и за модата.
Таа сакала и промовирала модни додатоци, но кога станувало збор за облеката таа сметала дека секогаш треба да избереме едноставни парчиња со добар крој кои се изработени од квалитетни материјали.
Целта на облеката е да ја нагласи фигурата на телото, но не да го одвлече вниманието од карактерот на личноста што ја носи.
Секогаш изберете ги вистинските чевли
За Коко, чевлите имале многу голема важност. Па токму затоа и ги дизајнирала препознатливите чевли во две бои, односно, со потемен врв, кои визуелно ја издолжуваат ногата и може да се носат на секаков вид облека.
Може да се носат и со здолништа, но и со пантолони или фармерки.
Надворешниот изглед ќе ви донесе поголем внатрешен мир
Жените имаат голем број обврски: тие се работнички, домаќинки, мајки, сопруги … Понекогаш се чувствуваат дека немаат време за себе, но токму во тој миг треба да се сконцентрираат на создавање убава слика.
Според Коко, во таквите мигови, благата шминка и едноставната фризура може да ви помогнат да се вратите во форма и да си го поткренете расположението.
Не носете повеќе од потребното
„Пред да излезете од дома, погледнете во огледалото и отстранете еден дел од облеката!“
Ова правило на Коко, треба да ви помогне да избегнете да изгледате пренатрупано.
Таа верувала дека е подобро да изгледате помалку облечени, отколку премногу „облечени“ и дека е подобро акцентот да се остави на само еден дел од изгледот, отколку да имате многу парчиња облека и накит што се борат за превласт.
Модата поминува, стилот останува
Коко го нормализирала носењето пантолони, блузите со морнарски дезен, класичните костуми за жени, кратките здолништа …
Но, она за што таа се залагала е жените да изградат сопствен стил на облекување, кој нема да биде зависен од минливите трендови во модата.
Според неа, најдобро е да купите модни парчиња што ќе траат повеќе од една или две модни сезони и да најдете уникатен начин за да ги комбинирате.
Парфемот е невидлив додаток, што го комплетира изгледот
Според Шанел, парфемот е интегрален дел од изгледот на секоја жена.
Тој ја нагласува индивидуалноста и делува врз расположението.
Б. С. Б. | Црнобело