Поради тебе уште се будам од сон – љубов моја за цел живот
Кога ќе помислам на тебе, не можам, а да не ја затегнам усната, за да ми ѕирнат забите и да се насмеам од срце. Ете, толку твојата појава е посебна и нека не ме прашуваат како изгледаш, не би знаел да се сетам...
Не знам дали некогаш ќе успееме да се најдеме под исти ѕвезди или можеби на ист дожд, но на моето лице секогаш ќе ја има таа насмевка, секогаш кога ќе ми текне на твоето име.
Знаеш, често си помислувам, што ни требаше нас луѓето за да им дадеме прилика на другите?
Дали често носевме одлуки, најчесто погрешни или можеби избрзани, базирани на фактот дека некого доволно познаваме или барем мислевме дека познаваме...
Дали се вљубуваме во човекот или во идејата за човекот? Дали одбивавме поради вистинските причини или поради идејата дека го знаеме човекот и веќе сме го класифицирале некаде?
Колку ме познаваше мене ти?
Чудни сме понекогаш и необјасниви за светот околу, ние луѓето и нашите емоции.
Немаме вистинско објаснување зошто ги чувствуваме работите на начинот на кој што ги чувствуваме, ниту зошто некои луѓе ни се помили од другите.
Сè ми паѓа на памет една тешка мисла, ако бевме толку нестабилни, како одлучувавме кога да почнеме нова врска, а да ја прекинеме старата?
Еве повторно се смеам, пак ми текна на тебе.
Те замислувам некаде седната на осамен покрив на некоја од зградите во големата метропола каде што би сакала да живееш. Нема свеќи, тоа би било премногу клише. Ние не бевме такви.
На грбот имаш шарено ќебенце, црвено-црна шара и уживаш во погледот кон полната месечина. Како да ти се оствариле соништата.
Во таа моја замисла јас не доаѓам кај тебе, тоа би било премногу едноставно, а ние сме доволно комплицирани за така едноставно да завршат работите.
Освен тоа, ти не знаеш дека јас горам од желба да бидам на тој покрив, под тоа ќебе крај тебе.
Ти сама зборуваш монолози кои ми го топлат срцето. Кој знае јас што зборувам додека сонувам, среќа живеам сам, па нема кој да ми се смее на овие тинејџерски глупости во моите 30 години.
Некој би помислил дека го изгубив паметот. Искрен да бидам го изгубив, по тебе.
Ти ме натера одново да верувам во необјасниви детски, платонски чисти нешта. Без да сакаш, ненамерно. Ти со твојата аура која едноставно плени, така лесно се всели во мојата потсвест и сега не сакаш да излезеш.
Што ќе правам со себе, кога сум вака непланирано, искомплицирано изгубен?
Ти не знаеш дека си секојдневен станар во мојата душа, а јас премногу срамежлив да наплатам кирија.
Знаеш ли дека поради тебе се будам од сон, мислејќи дека ти ќе бидеш тука штом ги отворам очите, на празната половина од мојот брачен кревет? Ете до толку ме полуде...
Сè ми се чини дека ќе се погледнеме очи во очи и дека светот ќе застане. Ќе си кажеме сè, ќе ми речеш тука сум и не одам, дојдов за да останам. Но, тоа повторно би било прелесно, за жал работите, барем во мојот живот не одеа така.
Кога ќе се разбудев само одблесокот на часовникот го осветлуваше моето лице. Немаше никој, само помислата на тебе, среде ноќ, повторно се смеев, како шупелка која го изгравирала името на својата сакана на старото дрво во дворот.
Колку требаше да нè опече исто сонце, да најдеме исти зборови, слична храброст и да нè спојат исти интереси?
Душата те повикуваше секојдневно, но стравот дека можеби тебе не те тресе иста треска ги запираше зборовите. Што беше правилно?
Да играш со мали облози и да добиваш мали, незначајни добивки, или да вложиш сè иако знаеш дека или многу ќе добиеш или сè ќе загубиш?
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Н. Буџак | Црнобело / фото: depositphotos.com