Нема да бидам твојот втор избор, најди си друга жртва за мачење
Тој ќе се смени, ќе ме засака повеќе, ќе дојдеме до моментот кога ќе си признае дека не може без мене и дека јас сум „таа“, јас сум вистинската.
Ќе ја заборави со текот на времето, неговата љубов и интерес за неа конечно ќе почне да избледува, да се брише како со гума.
Во љубовта треба да си стрплив, таа бара жртви и многу разбирање, а на крајот секогаш следува награда. Мора да биде така, нели?
Само што жртвата бев јас, а мојата награда се претвори во кошмар. Кога ќе ми го свртеше грбот навечер во креветот ме грицкаше одвнатре помислата дека мислиш на неа и сакаш таа да биде на моето место.
Додека се загледуваше тапо во некоја замислена точка, мојата интуиција ми зборуваше дека си несреќен и тажен што не е тука до тебе.
Кога налетував на нејзиниот Фејсбук профил „случајно“ отворен на твојот компјутер. Кога боледуваше по цел ден на некој одреден датум што веројатно беше нејзиниот роденден или датумот на вашата годишнина.
Мислата дека сте нечиј втор избор може да ве уништи, да ве скрши на половина. Ќе се залажувате одреден период дека ќе помине, дека љубовта е доволна да го истисне оној дух од минатото кој стои помеѓу двајцата.
Но, тоа се случува само ако и другата личност сака да заборави. За него ги поместувате границите на трпението, си го газите достоинството и си ја дробите душата, прашинка по прашинка, секој ден додека не остане пепел од вас.
Ја сакате неговата љубов повеќе од сè на светот. Го сакате неговото внимание, а најмногу признанието дека вие сте таа, вистинската, жената на неговиот живот. Наместо тоа, јасно ви се дава до знаење дека сте само сенка на некоја која ја играла таа улога во минатото.
И некој упорно не сака да ја избрка од спомените на минатото, ниту од сегашноста.
Кога го дозволувате сето ова, некој друг ја диктира вашата вредност.
Правите работи за кои сте ги советувале другарките да не ги прават, бидејќи не се граничат со понижување – тие се понижувачки.
Сте се стуткале, сте се погазиле, си ја преиспитувате сопствената вредност, додека самодовербата ви се множи со нула.
Што ми недостасува мене? На кој начин го усреќувала повеќе? Зошто не можам јас да го направам така среќен? Само ако се потрудам повеќе, само ако му дадам уште малку време…
Со дробите лаги и ги сркате со голема лажица. Но, еден ден ќе се засркнете. Бидејќи на лагите им доаѓа крајот.
Тогаш се сервира вистината, сурова, но толку чиста и искрена што ве боли секое ковче.
Тој не ве сака како што ја сакал неа. Нема никогаш да ве сака така. Нема да се промени. И ќе го поминете остатокот од животот во вечно гледање зад себе додека сте пред огледалото, да не случајно таа стои до вас и ве прогонува обајцата.
Никогаш не задоволувај се со трошки. Немој да бидеш ничиј втор избор. Заслужуваш да пронајдеш некој кого ќе си му првата мислат при будење и последната пред заспивање.
(О)Милена | Црнобело