Знаев дека ја повредувам, но не можев да престанам да изневерувам
Знам дека неколку пати си побарала да ја кажам вистината, а јас исто толку пати сум ти кажал дека отсекогаш ја зборувам, лажејќи. Те гледав во очи и зборував лаги, без да ми трепне око.
Не барај да признаам грешка, затоа што во мојата потсвест грешки не постојат. Така се навикнав со текот на времето, полесно е за душата. Отсекогаш сакаше да знаеш зошто, да бидам искрен не знам ни јас самиот. Подобро е да не ме прашуваш, ова го кажувам, ако сакаш оди, ако сакаш остани, изборот е твој.
Ниту една од нив не беше подобра од тебе, ниту една не беше поубава, едноставно беа една авантура која мораше да се помине како ритуал при секое ноќно излегување, секогаш кога ти не беше крај мене. Не ги ни броев, можеби почна на почетокот така, кладба помеѓу двајца другари кој повеќе ќе однесе во креветот, но како што се редеа цртки во тефтерот беше помалку важно.
Понекогаш се чудев зошто жените велат дека мажите се свињи, кога самите се вовлекуваа во тоа. Секој од нив знаеше дека јас сум во врска, на сите им беше кажано, но тоа не им беше грижа. Многу од нив продаваа морал, а сепак сакаа да го искусат гревот, понекогаш фактот дека сум зафатен ги возбудуваше повеќе отколку да кажам дека сум слободен. За потоа да ме колнат, велејќи дека сум им го уништил животот, можеби си создаваа филмови за заедничка иднина, а јас јасно им кажував дека тие се тука само за една ноќ.
Ми беше одвратно да ги бакнувам, не беше тоа како кога јас и ти ќе се најдевме еден до друг во темнината. Знаеш, не бев јас таму за да делам страсти со нив, едноставно бев за она спојување, без емоции, без љубов и без никакво чувство. Пластични движења за да се предизвика некако задоволство, нешто кога јадеш само за да не бидеш гладен, а јадењето воопшто не ти се допаѓа. Адреналинот нараснуваше секогаш кога ќе помислев на неверството. Не ме возбудуваше нивниот изглед, ниту пак нивната индивидуа. Но не можев да престанам, ете, не знам ни самиот, не можев да престанам.
Не знам дали беше чувството на страв дека можеби во секој момент ќе ме откриеш, или можеби смислувањето на изговори и помнењето што си кажал за да не се издадеш, имаше нешто што го дуеше егото. Знам дека е погрешно, но што можам, времето назад не се враќа.
Сите одбиени повици, лажни пораки, избришани пораки, лажно заведени телефонски имиња. Сите твои сомневања, солзи, нервози. Зарем може да се најде логика, знаев дека душата ми е расипана, изгорена, те предупредив уште на почетокот. Знам дека ти не си виновна, но како да помогнам?
Не те молам за прошка, премногу е мизерно, знам дека не би простила. Но ова сум јас, разголен пред тебе, конечно собрав храброст да ти кажам сè, без да кријам. Некои од нив те знаат, некои од нив ги знаеш ти. Глупаво е знам, да го рушам твоето реноме и сопственото име, нас како поим. Ниту едно извини тоа не го поправа, посакувам да знам да престанам.
Од срце искрено сакам да се променам за тебе, но кога еднаш ќе те изгорат, тешко е да го исчистиш црнилото од душата, мислам дека никогаш не избледнува. Ќе го носиш како спомен и ќе се одмаздуваш, што од желба, што од инает, на личност која можеби тоа воопшто не го заслужила.
Ако ја затвориш оваа врата и воопшто не се вратиш, ќе разберам. Знај само едно, колку и да звучи патетично, само тебе можам да те сакам, можеби и повеќе од себеси.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Автор: Н. Буџак | Црнобело