Сè што сакав да ти кажам...
Долго го спремав мојот монолог пред огледалото, можеби и предолго, затоа сега, тука додека ми треперат рацете и мислам дека ќе ми излезе срцето низ устата, бидејќи никогаш не сум го слушнал да бие толку брзо, те гледам во очи, соочен со стравот да те изгубам засекогаш. Дали треба да дозволиш зборовите да поминат низ твоето тело и да го напуштат, без двоумење да бидеш искрен и воопшто да не се грижиш што има да каже светот?
Ме гледаш со неверување и не знаеш како без твое барање стана главен лик во мојата приказна. Јас како новокомпониран Ромео, се обидувам да не се распрскам од толку емоции кои ме облeваат во моментот. Ти на едниот крај од клупата, јас на другиот, со два збунети погледи, едниот од стравот од исчекувањето, другиот од стравот на непознатото.
„Ми годи твоето присуство, би сакал да бидеш тука крај мене. Знам дека целиот овој склоп е нов и прави едно торнадо во твојата глава, но ми значиш. Како топол туш после напорен ден, како пиво после работа, како недозволено парче пица во ноќта. Како есенција без која не можам да постојам. Не можам да престанам да ја мислам таа твоја насмевка, таа нежност, женственост и скромност. Како може да бидеш така конструирана?
Ти велиш дека љубовта не постои, јас апсолутно се согласувам, љубовта е навика, заемно спознавање и правење лудости за да донесеш насмевка на лицето на другиот. Јас би сакал да се навикнам на тебе. Да те држам во прегратка, под меко ќебе, со пуканки во скутот и некоја комедија. Да ти подготвам појадок кој ќе ти го донесам со жолта маргарита во устата. Поправи ме ако нешто грешам.
Имаше ли нешто погрешно во тоа да го почитуваш женскиот род, бидејќи како што изминуваше времето чувствував како жените да патат по мажи кои ќе си поигруваат со нив, а потоа ќе ги наречат идиоти. Дали жените повеќе сакаа идиоти или не беа навикнати да бидат третирани онака како што заслужуваат, заради нивните претходни искуства?
Не знам веќе ни какви се овие чувства, само знам дека се правилни, без разлика што се погрешни, барем сум искрен, спрема тебе, спрема себеси. Не можам да кажам те сакам, бидејќи не знам како изгледа да се сака такво совршенство, но можам да кажам дека не можам да престанам да мислам на тебе.
Се будам, заспивам, со едно име, како еден ритуал без кој не може да помине денот. Што ми правиш во главата несвесно?
Сакам секоја секунда да ја поминам за да те откријам, зошто ти си како детелина со четири лисја, која тешко се наоѓа, а треба да се чува до крајот на животот. Кој не би сакал да ја открие среќата, кој не би сакал да биде на мое место, тука крај тебе?
Животот е краток, колку клише реченица, но не доволно краток, ако го поминеш покрај вистинската личност. Како ќе знаеме која е вистинската?
Ме убива твоето постоење, тие темни очи, таа прибраност во секој потег, твоето држење и твоите слатки зборови. Ме убива тоа што знам дека нема да бидеме, само заради правилата на секојдневното постоење. Кој ли ги измислува?
Зошто едноставно не може да се заборави се и ова да биде почетната точка на нашиот координатен систем. Јас и ти, одново, како за прв пат. Една прилика двајцата да ја откриеме среќата.
Знам дека нема да изустиш збор, не очекуваш, не очекував ни јас, но морав се да ти раскажам, бидејќи досега не успеав. Ти го гледам лицето, цело променeто, згрчено, во неверување, но и така ти изгледаш совршено во ноќта.
Што може да се направи кога двајца се движат по паралелни линии?
Тие се сечат само во бесконечноста.
Дали ќе бидеме способни бесконечноста да ја донесеме тука, додека трае овој наш живот на земјата?”
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Н. Буџак | Црнобело