Кој кого изневери? Оној што трча пребрзо или другиот што не сака да го стигне?
Наречи ме себичен, биди како останатите, пресуди ми без да се обидеш да сфатиш.
Што друго ти останува, кога овој хаос пополека ја губи својата смисла?
Натерај ме да заплачам зошто ти го создаваш тој јаз помеѓу мојот мозок и моето срце, натерај ме да ги пресушам очите. Натерај ме да останам, иако сѐ одвнатре ми вели оди си. Наречи ме ладен и бесчуствителен. Нареди ги сите тие погрдни епитети, веќе се навикнав.
Повторно ја држиш устата затворена, без да изустиш збор, пак една глува тишина помеѓу моето уморно тело и твоите растреперени раце, кој би рекол дека ќе го пишуваме последното поглавје, така одненадеж? Порано знаевме да ја претвораме тишината во уметност, а сега само стануваше почудно со секоја измината секунда. Како да бевме презаситени еден од друг.
Секој збор беше погрешен, секоја постапка премногу, секој чекор предолг и секој збор прекус. Од жуборлива мелодија, станавме досадни ниски тонови на едно излитено пијано. Ти сé уште молчиш, а јас немам што да кажам, зборовите се повторени милион пати, како една досадна предизборна реклама.
Залудно фрлени пари и потрошено време, кога оној што треба да слушне незаинтересирано ќе ја промени програмата. Повторно не ме послуша...Убива од болка, а ние сé уште сме тивки, но не на начинот на кој знаевме порано. Не те теши мојата прегратка и не те топлат моите раце, не ја гледам светлината во твоите очи и твоето „Добро утро", со својот чуден тон веќе не ме станува од креветот.
Мртви сме, емоционално исцедени ,обидувајќи се да сфатиме што е правилно. После ова не знам што нé поправа. Се загубивме на пола патека, а имавме маратон за трчање.
Кој кого изневери? Оној што трча напред бргу или оној кој не сака да се потруди да го стигне тој кој што не запира?
Што е правилно, да не ја достигнеш целта за да те стигне оној кој доцни или да те боли над половината, од силното темпо, ама да го стигнеш оној пред тебе, за заедно да ја достигнете целта? Кажи ми!
Ти сѐ уште молчиш. Немаш веќе солзи, немам ни јас. Немам ни сила, ни желба, ни идеја што да правам со себе, не па со нас. Ова сé некако доаѓа премногу. Премногу за човек да издржи. Ја пропушташ и последната шанса, барем да пробаш да извикаш дека можеме, дека ќе успееме да го поминеме ова невреме.
Ама некако не ти вика душата, како да не сакаш да пуштиш глас, како да те гуши тоа. Како да е време за распаѓање на замокот од песок кој го градевме макотрпно. Додека чекорам кон вратата се обидувам да не се вртам назад, затоа што би почувствувал тапа болка. Очигледно не можеме тимски да го трчаме овој маратон, барем не повеќе.
Едниот секогаш ќе биде зад другиот и во обидот да се најдеме ќе настане цел хаос. Хаосот на животот кој те зафаќа на момент и уништува сѐ она што си мислел дека ќе трае засекогаш. А, кој сака да живее во хаос?
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Н. Буџак | Црнобело