10 лаги кои си ги кажува секоја жена кога чувствува дека мажот не ја сака повеќе
Жените имаат особено изразена интуиција. Но, понекогаш го игнорираат тоа внатрешно гласче во себе и успеваат да се самозалажат дека сé е во ред или дека ќе помине.
Оваа ситуација е особено мачна кога љубовта од страна на партнетот почнува да бледнее и тој сака да ве остави и да си замине.
Ова се 10-те најчести лаги кои си ги кажува секоја жена во оваа ситуација:
„Ова е само лош период“
Секако дека се случуваат лоши периоди и непријатни моменти во животот на двајцата. Но, тие не траат со месеци. Не се одликуваат со незборување и тотално игнорирање. Низ какво и премрежие да поминува партнерот тој треба да ја побара вашата поддршка наместо да се оддалечува. Тоа е поентата на врската, на заедницата, па и на љубовта.
„Тој е вистинскиот, ова мора да успее“
Убедени сте дека тој е оној вистинскиот и заслепено ги игнорирате сите опасни сигнали кои ви ја уништуваат врската. Иако таа тоне, а и вие заедно со неа, се држите за партнерот како давеник за сламка, целосно уверени дека не може да ја пуштите вистинската љубов да ви се лизне низ прстите.
„Нема да преживам без него“
Ниту прв, ниту последен. Секако дека ќе преживеете без него. Всушност, може да се преживее без сите. На крајот од денот најважни сте вие, а вие треба да сте среќни и сакани. Секој кој не ви го дава ова, не ве заслужува.
„Тој мора да си ги исполни ветувањата“
Дека ќе ме сака засекогаш. Дека нема да ме напушти никогаш. Дека ќе остариме заедно.
Сфатете дека луѓето се менуваат, приоритетите исто така. Не секоја љубов е осудена на успех. Кога тој се оддалечува јасно е дека сите ветувања пропаѓаат во вода. Не трошете си ги молитвите на чуда кои никогаш нема да се случат.
„Никогаш нема да пронајдам љубов“
Колку повеќе тој се оддалечува, толку повеќе се прилепувате за него. Од пусти страв дека нема да најдете никого и дека ќе останете сами. Никој на светов не останал сам. За секое грнче има и капаче. А што ќе ви е капаче кое не ви одговара и упорно сака да оди кај друго тенџере?
„Виновни се неговите пријатели“
Тие имаат лошо влијание врз него. Не си „кликнавте“ уште на почетокот со неговото друштво и сега му ја полнат главата со глупости и го вртат против вас.
Ниту еден самопочитуван маж нема да дозволи неговото друштво да го заврти против вас доколку вистински ве сака. А доколку се случи тоа, погодете што – секако не е вреден за љубов и внимание кога други умови му го кројат животот.
„Ако се борам доволно, нема да го изгубам“
Ќе го простам и ова. Ќе ја премолчам и оваа грешка, уште оваа навреда и толку. Си велите дека доколку сте упорни, истрајни и се борите, љубовта на крајот ќе ве награди, несфаќајки дека се борите за сосема погрешна личност која со едната нога е веќе на прагот.
„Имам љубов за двајцата“
Секогаш едниот сака повеќе. Си го кажувате тоа некако гордо, како да е сосема нормално. Јас имам љубов за двајцата, мора да успее. Секако дека нема да успее. Не попусто рекле старите – Со сила убавина не бидува.
„Му верувам 100%“
Знаете кому може да му верувате 100%? Себеси, а понекогаш дури ниту на себе. Собравте храброст и го прашавте дали сé уште ве сака. Тој можеби одговори да, иако неговите постапки укажуваат на спротивното. Им верувате на зборовите и ги игнорирате постапките, кога вториве секогаш зборуваат погласно од првите.
„Можеби инстинктот ме лаже“
Ја знаете вистината, ја чувствувате во стомакот кој се грчи. Мозокот ви кажува едно, а срцето ве влече на другата страна. Го буткате инстинктот настрана, се тешите дека можеби грешите.
Сé додека тој не си замине и не ве остави со скршено срце. Секогаш, ама баш секогаш слушајте си го инстинктот и тоа внатрешно тивко гласче. Ќе си заштедите многу солзи и секако, вашето достоинство.
(О)Милена | Црнобело