Дали си свесна колку сум слаб на тебе?
Не знам дали откорнале дел од мојата душа и ја всадиле во твоето битие, но секогаш кога ќе те погледнев, чувствував дека делот што ми недостасува, се наоѓа токму во твојата насмевка, со која сакав да ми започнува секое утро.
Ти никогаш не забележа како мојот поглед луташе во празнината штом ќе го почувствував твоето отсуство, бидејќи ме возбудуваше твојата спонтаност, твојот искрен и чист однос кон луѓето, твојата верба дека нештата ќе се случат на најдобриот можен начин. Сакав да те гледам постојано.
Твојот посебен сјај во очите сакав да биде сонцето кое ќе го огрева моето лице за добро утро. Сакав да те гледам заспана крај мене, во постелата каде што твојата несовршеност изгледа толку совршена. Сакав секојдневно да се будиш во мојата прегратка и никогаш да не се одвојуваш од моите гради, бидејќи твоето место беше токму таму, крај мене.
Ти не беше свесна колкавo влијание имаш врз моето постоење, ме промени од корен, ме понесе како бура која корне сè пред себе. Ти и таа твоја трапавост која те носеше од проблем во проблем, од кој секогаш успеваше да се извлечеш магично.
Со тебе секое утринско кафе имаше смисла, секоја доцна вечера и секој избрзан појадок, со тебе сè добиваше некоја друга димензија за која не сум знаел претходно. Сакав да бидеш крај на моето самување и почеток на мојата вистинска животна приказна, сакав да бидеш наслов на мојата книга, која го запира самувањето и зборува за неизмерната љубов помеѓу две целосно различни единки, јас и ти.
Во воздухот можев да го почувствувам мирисот на твојот парфем и отсуството на твојата мека кожа. Можев да се заколнам дека сум полудел штом почувствувам дека не си крај мене.
Што направи со моето машко тело, како успеа така лесно да го опседнеш?
Се појавуваше секојдневно во секој мој сон, во секоја моја мисла, во секоја моја нова инспирација, во сите воздишки и сите зборови, во сите обиди да постојам, те сакав со секоја клетка, секој ден, сè посилно и посилно.
Дали беше свесна колку сум слаб на тебе?
Јас станувам зависник од твоето извајано тело, ми требаш секојдневно, одново и одново, ми треба твојот допир за да не доживеам катастрофа. Ми требаш ти, за да ме исполниш, за да не чувствувам празнини. После долго време конечно да се почувствувам жив.
Кој би рекол дека еден маж може толку да сака една жена. Да ми кажале претходно, не би поверувал. Но те сакав, дури и повеќе од себеси, те сакав и не се срамев тоа да го признаам, да го извикам со целиот мој глас, за да почнеш да ја затвораш мојата уста, велејќи дека е срамота да се дерам пред толку луѓе.
Без разлика колу тоа беше против бон-тонот, сакав светот да слушне, за да ја видат твојата насмевка која го промени мојот живот...
Те сакам, те сакам, те сакам!
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Н. Буџак | Црнобело