Трогателната приказна за сопругата која секогаш ја става раката во кошулата на сопругот
Откако еден дедо ја сподели својата животна и љубовна приказна по социјалните мрежи, сите останаа во солзи.
Приказната започнува кога тој имал 19 години, а таа 16. Нивната љубов била едноставна, бидејќи тие биле скромни луѓе.
Ја пренесуваме во целост:
„Имав 19 години. Таа имаше 16. Обично имавме состаноци во недела. Не правевме ништо посебно. Бевме конзервативни. Јас бев фармер. Не бевме луѓе кои излегуваат со различни или повеќе партнери. Секој состанок беше сè понежен. Тогаш таа ме одведе на нејзината матура. Беше на 10-тина милји од тука, во Ричмонд. Јас бев единствениот без одело. Сите тие градски луѓе ме гледаа чудно.
Не можам да ви кажам кога се заљубив. Не можам да ви кажам кога ја запросив. Беше природно. Мислам дека само седевме во автомобилот и ѝ дадов прстен. Немам многу големи моменти за споделување. Бевме едноставни луѓе. Тоа беа среќни денови.
Ја прославивме нашата 50-годишнина од свадба во Бренсон, Мисури. Кога се враќавме накај дома, постојано ми кажуваше дека возиме во погрешна насока. Беше многу сигурна. Не се противев. Продолжив да вртам бидејќи знаев дека секако ќе завршиме на патот накај дома. Тогаш знаев. Нејзиниот татко имаше деменција. Неговиот татко исто. Па, јасно ми беше што се случува.
Наскоро почна да заборава имиња. Кога работите ќе станеа навистина лоши, сакаше да си замине. Постојано се обидуваше да ја напушти куќата. Морав да лежам пред вратата навечер за да бидам сигурен дека е безбедна.
Едно утро не можев да ја најдам. Испаничив. Каде ли отиде? Истрчав надвор, беше темно. Покрај патот имаше светло. Едвај ја видов кога ја преминав улицата. Трчав и ја стигнав. Но, кога ја допрев, ми се противеше. Не сакаше да се врати дома.
Ми недостасува тоа што не можеме да танцуваме. Или да посетиме стари пријатели. Обично волонтиравме во центар за грижа секоја среда. Таа ќе свиреше пијано, јас ќе ги вртев страниците за неа. Овие химни беа последното нешто што го паметеше. Музиката беше нејзин живот. Но, еден ден веќе не можеше да свири. Им кажав на вработените во центарот да најдат некој друг.
Моментално сме тука, дома. Но, ова не го гледам како проклетство. Чест ми е. Ова е обврската која Бог ми ја додели. Таа цел живот му служеше на семејството. Сега е мој ред јас да ѝ служам. Сè уште можам да ја насмеам. Можам да правам чудни звуци и таа ќе се насмее. Секое утро седиме во фотелјата и се гушкаме. Сака да ја става раката меѓу копчињата на мојата кошула, за да ми ја почувствува кожата. И сака да се бакнува. Одвреме навреме ќе стане и ќе ме бакне. Понекогаш почнува да мрмори. Не кажува вистински зборови. И често немаат поента. Но, никогаш не и велам да молчи, бидејќи тоа е многу подобро од тишината.“
М. Д. | Црнобело