Те сакам како личност, но не те љубам од дното на мојата душа
Јас и ти никогаш не бевме судени, ти онаа која секогаш молчи, јас оној кој многу сака да зборува.Ти сакаше лето, јас уживав во зима, тебе те интересираа формите, додека мене равенките по кои се добиваат тие форми. Јас уживав во звуците на пијаното покрај креветот додека ти се лутеше, бидејќи звуците ги нарушуваат твоите мисли додека беше задлабочена во своите книги.
Бевме различни како ден и ноќ.
Сите мислеа дека нашиот брак е совршен, бидејќи двајцата стававме насмевки пред да го напуштиме домот, онакви какви што никогаш не сме доживеале додека ја делевме взаемната тишина во брачниот кревет.
Никогаш не дознаа дека спиеме свртени грб со грб, наместо во прегратка, бидејќи очигледно двајцата бевме добри актери и знаевме да ја исценираме проекцијата за совршен брак, ама не и да ја доживееме.
Те сакав, не знам дали можеше да го забележиш тоа, знам дека и ти ме сакаше мене, никогаш не се доведовме во ситуација да извршиме прељуба, но едноставно не бевме среќни еден со друг.
Можеби тоа што го препишувавме на љубов, беше восхит и почит кон личноста од другата страна, а ние го протолкувавме погрешно.
Можеби те сакав како личност, но не те љубев од дното на мојата душа.
Знаев дека и ти се чувствуваш така, сме разговарале и сме се обиделе да го поправиме тоа, но секогаш без некој значителен успех.
Честопати се прашував зошто не можеме да го запалиме нашиот брачен оган со искрите кои постоеја, зошто нашиот дом е куќа без емоции, зошто нашите прекрасни личности не можат да се спојат заедно како денот кога ги разменивме брачните завети?
Кога сѐ што имавме и сѐ што верувавме се претвори во потонат брод чии патници полека гинат?
Што ќе правиме со овој живот, дали се живее вака?
Ти ми велиш дека е срамно да се потпишат документите за развод, а нели е посрамно цел живот да го минеме вака овенувајќи еден крај друг без да имаме можност да го почувствуваме животот на вистинскиот начин, онака како што треба навистина да се живее?
Кажи ми како да те натерам да ја почувствуваш мојата љубов и како да го разгориме она што треба да нè грее со децении за да не изгинеме од сивилото во нашето секојдневие? Кажи ми дали постои начин да бидеме среќни заедно?
Не мисли на другите, за момент помисли на нас, дали ние можеме да го спасиме нашиот брак, без да вметнуваме некој трет кој само би страдал од таквата одлука или е време секој да го одбере својот пат.
Не мисли на твоите, не мисли на моите, мисли на нас, дали има надеж за нас или попусто се обидуваме?
Кажи ми дали ќе успееме да ги избркаме сенките од нашата спална соба и да го осветлиме домот со топлината на нашите вљубени тела или секој ќе оди по својот пат. Вети ми или ќе полудам.
Вака не се живее, оваа улога, оваа глума е претешка за мене, кажи ми дали после сѐ ние можеме да бидеме ние или ќе бидеме две единки кои мораа да бидат одделени за да не се упатат кон својата пропаст.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Н. Буџак | Црнобело