Не ни требаат скапи сирења и вина, ни треба оброк зачинет со голема лажица љубов
Јас и ти се пронајдовме во овој свет на извртени вредности за да создадеме свои, сега тоа ми е сосема јасно. Велат дека кога реалноста надвор не ти одговара, креирај своја и поубава, и ние го правиме токму тоа. Секој ден е борба, но со тебе сè е подносливо и многу полесно.
Тебе не те интересираат кул места, важните фаци и големите градски ѕверки и дали оваа сезона малите крзнени топки одат одлично со големи чанти. Ти си над сето тоа и благодарен сум што те пронајдов онаква каква што си. Искрена и храбра, високо издигната над сè што е лажно и тривијално.
Во свет кој се храни со погрешни вредности, ти си вистинската. Во реалност која се храни со евтини емоции, твојата доверба е скапоцена.
Без тебе сум посиромашен, изгубен, половина човек. Нашите темпераменти можеби се разликуваат, но суштински копнееме по истите работи – припадност, семејство, дом. Зачинето со голема лажица љубов. Или неколку лажици.
Не ни требаат скапи вина или сирења чии имиња не знаеме да ги изговориме. За мене и наједноставниот оброк има божествен вкус кога го делам со тебе. Можат да ми го постелат целиот свет пред нозете, но ништо нема да вреди без тебе.
Од сите чудни и луди работи кои ни се случуваат денес, за мене најчудна и најлуда е љубовта. Онаа вистинската искрена љубов, без глума, без наместени насмевки, без паравани.
Оваа љубов во која не ти е страв да бидеш оној што си, бидејќи другиот ќе те прегрне без оглед на сè. Стана вистинско чудо да се пронајдат двајца непознати луѓе и во овој суров свет да рефлектираат топлина. Без да се премеруваат кој колку има, без да се срамат од родната куќа или родителите.
Сега знам, ти си моето чудо. Некои поминуваат 60 години празен живот без да почувствуваат ниту една реална емоција, а јас со половина од тој животен стаж се чувствувам како богат и исполнет човек.
И поради тоа сум му бескрајно благодарен на животот.
(O)Милена | Црнобело