Јас и ти сме си потребни како подрум и ајвар
Ако те воспитувале во духот на машки и женски работи, машки и женски бои или професии, јас и ти не сме еден за друг.
Ако имаш неодолива потреба да контролираш, посесивен си, или си од оние љубоморни типчиња кои им дозволуваат (дозволуваат, ха!) на девојките да излезат во женско друштво, но кога ќе се вратат дома во точно определено време кое тие го одредиле, наредуваат девојката да им „титне од фиксен“, не сме еден за друг. Немам фиксен телефон момче.
Ако сум од оние жени кои се ужаснуваат од малку сечкање кромид или не знам да спржам едно јајце на око, или се преправам како не знам да направам супа од ќесичка, не сум за тебе.
Воедно, и ти не си за мене ако варењето виршла ти е врвен гастрономски чин.
Ако си од оние мажи кои си ги оставаат чорапите и гаќите позади себе, како некои трошки по патеката слично на Ивица и Марица, со објаснувањето – „Мајка ми ги средуваше овие работи“, не си за мене.
Ако играм ментални игри, наместо со отворени карти, не сум за тебе.
Ако ги делиме обврските на машки и женски и парите на мои и твои, не сме еден за друг.
Ако се третираме како рамноправни, има иднина за нас.
Ако го знаеш значењето на зборот компромис, а јас на зборот доверба, ќе дојдеме до сребрена свадба.
Ако не избегаш од првиот проблем, а јас не истурам кофа солзи на првата пречка и не кренам раце од нас, има надеж.
Ако ги разбираш моите потреби, а јас твоите желби, ќе биде нешто од нас.
Ако се согласиме дека понекогаш е сосема во ред јас да сменам сијалица, а ти да ја пуштиш машината со алишта, веќе имаме цврста петка во дневникот на брачниот живот.
Бидејќи вистината е дека, со сите свои каприци и маани, јас како жена, а ти како маж сме си потребни еден на друг. Ти можеш да правиш работи што јас не умеам, а јас знам нешта кои ти не си ги слушнал досега.
Заедно се надополнуваме и се подобруваме, додека не станеме подобри луѓе.
Ние сме си потребни како подрум и ајвар. Конечно, јас можеби ја имам јајце-клетката, но ти го поседуваш најбрзиот пливач...
(О)Милена | Црнобело