Во твое отсуство уживав да мирисам туѓи коси и да делам воздишки во туѓ врат

Во животот сам одбираш кои патеки ќе ги следиш. Можеби во моментот додека го правиш изборот не си потполно свесен, но секој твој одговор и секоја твоја одлука те носи на различна патека која ќе го дефинира твојот успех, твојот карактер, можеби твојот неуспех или твојата пропаст.

zosto-nastojuvav-da-si-ja-unistam-srekjata-koga-bev-sreken-so-tebe-01

Секојдневно одбираме, секојдневно можеби погодуваме, секојдневно можеби грешиме. Дали кога ќе не згази времето ќе се завртиме и ќе бидеме горди на своите одлуки или ќе жалиме за она што сме биле во минатото? Сето тоа зависи од она со кое сакаме да ја исполниме нашата душа и она што живее во нашата глава.

Тој ден го пиев утринското кафе и го јадев појадокот кој секогаш уредно беше поставен на масата, со секој изминат ден сè повкусен и повкусен.

Тебе никогаш не ти беше проблем да станеш час или два порано. Да се средиш себеси, да наместиш облека за мене, да ми ги исчеткаш кондурите, да ја испеглаш кошулата и да ме разбудиш со насмевка.

Тоа никогаш не го барав од тебе, а ти сепак го правеше.

Бидејќи по твојата логика беше срамота мажот да биде несреден, ако е таков, тоа зборува многу за жената која е негова сопруга.

Утрово почнав да плачам, ти ме гледаше и се чудеше што ми се случува, мислеше повторно некоја нервоза околу бизнисот, повторно нешто што ме полудува. Но, ме полудуваше друг факт кој ти никогаш не го дозна и не смееше да го дознаеш.

Бидејќи тој избор и таа патека која ја следев во животот пред да ставам бурма на раката ме правеа најсебичното и бесчувствително копиле кое некој некогаш го познавал.

Без да знаеш секогаш во твое отсуство уживав да мирисам туѓи коси и да делам воздишки во туѓ врат. Моите допири кои не смееја да допрат тело различно од твоето честопати допираа туѓа пот, сега ми е одвратно да помислам.

Без да знаеш моите кошули завршуваа во ѓубрето, само заради црвениот кармин на нив, од страв дека ти можеби ќе откриеш. Без да сакам, од его, од некоја сатисфакција која сега изгледа сосема бесцелна јас одев од жена на жена иако ниедна од нив не ти беше рамна.

Чував многу тајни, криев, кажав многу лаги. Бев прељубник. Грешев иако имав сѐ.

Знаеш во тој момент се чувствував многу моќно. Мислејќи дека моето его ќе биде напумпано од помислата дека тие ме посакуваа. Мислев дека не можат да ми одолеат, наместо да го ценам фактот што ти секогаш искрено и нежно ја славеше љубовта кога јас бев крај тебе.

Тогаш не мислев на тебе, ниту на овој појадок на масата, ниту на сета безмерна љубов која ти ја криеш за мене. Не мислев на нас и на она што ќе бидеме потоа.

Тогаш барав авантура, бев жеден за забранетото и само сакав да најдам нова девојка, од оние лесните која без проблем ќе легне во постелата каде јас и ти првпат водевме љубов.

Без да знаеш, јас те повредив сто пати и тогаш не мислев дека тоа што ти нема да знаеш дека сум те повредил ќе биде мојата најголема болка штом ќе го кажам судбоносното да. Но, каде беше тогаш мојата потсвест. Каде беше тоа чувство на вина додека бакнував туѓи усни и барав утеха во туѓа прегратка иако немаше потреба од никаква утеха.

Зошто додека јас ја градев патеката по која ти треба да поминеш до олтарот се заслепував од сексот кој го нудеа девојките кои можеа да бидат купени со еден обичен коктел?

Зошто настојував да си ја уништам среќата кога бев среќен со тебе?

За да ме боли уште повеќе таа моја глупавост, за да ми гори душата од таа моја простодушност, ти со насмевка ги бришеш моите солзи, солзите на гревот.

Ме галиш по лицето и ја наведнуваш мојата глава на твоите раменици убедувајќи ме дека сè ќе биде во ред. Дека не постои нешто што јас и ти не можеме да го победиме, бидејќи јас и ти сме посилни од сѐ околу.

Но, каде беше моето себично тело жедно за задоволства да го види тоа многу порано?

Зошто не знаев да го ценам тоа и да свртам во друга насока кога на таблата на мојата патека пишуваше „грев”? Дали некогаш ќе најдам начин и дали ти некогаш ќе ми простиш иако никогаш нема да дознаеш?

Не знаев што боли повеќе, тоа што ти никогаш нема да дознаеш или помислата дека ќе те изгубам тебе и сѐ она што доаѓа со тебе ако ти некогаш дознаеш...

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Н. Буџак | Црнобело

Би можело да ве интересира:

„Јас сум разведена жена и за една работа се каам најмногу“ „Се каам што ја пренагласив улогата негова сопруга и заборавив да ги следам свои...
„Девојка ми не сака да работи и очекува јас да плаќам за сè – мислам дека е мрзлива и има нереални ж... „Со девојка ми сме заедно повеќе од две години. Ми кажа дека сакала само јас да ...
„Мојот дечко им раскажува на колегите за нашиот сексуален живот и не сака да престане - што да права... „Не мислев дека толку многу може да ми пречи што зборува мојот дечко зборува за ...
Прашувам за пријател: Мојот нов дечко не знае дека имам дете – како да му кажам, а да не ме остави? „Проблемот е во тоа веќе двапати бевме на состанок, а јас не сум му кажала дека ...
„По трауматичното детство и загубата на синот станав зависничка од секс – Како се чувствував секојпа... „Она што беше различно кај мене беше тоа што јас не го користев сексот за задово...
Прашувам за пријател: „Мојот сопруг сака секс неколкупати на ден, а јас не - како да го одбијам?“ „Работата од дома беше кошмар, бидејќи тој беше во соседната соба, па ќе влезеше...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg