Срцето ми вели НЕ, но разумот ми дозволува да кажам ДА
Седам пред огледалото, мајка ми ги прави последните подготовки околу мене, ме гледа и со солзи во очите испушта воздишки на восхит.
Не и се верува дека нејзината ќерка изгледа толку прекрасно, да бидам искрена ниту мене не ми се верува. Носам бел долг фустан за кој секоја девојка би сонувала и имам бел вел прикачен на прекрасно сработена пунџа.
Стојам пред прозорот и сум љубоморна на сонцето, бидејќи во моментов го допира твоето лице, нешто што јас го правев долго пред него, беспотребно љубоморна ми вели разумот. Во одразот на огледалото има една девојка која е совршена однадвор, но скршена одвнатре.
Чекам тука во мојата соба, зјапајќи во огледалото, седната на креветот на кој делевме и добро и зло, страст и сласт. Тука каде што згаснуваа сите клетви и се ткаеше книгата на занесот. Тука каде што станувавме едно.
Посакувам со звукот на тапанот да се појавиш ти, а пред тебе твоите другари со кои поминавме низ многу мигови заедно. Колку и да се противам на тоа, посилно е од мене, но не смеам да плачам, морам да ја задржам надворешната совршеност, бидејќи внатрешно сум полна несовршености.
Ти не го заслужуваш сето тоа, не заслужуваш ниту на момент да помислам на твојот лик, бидејќи ме отфрли како стар пар чевли во моментот кога понови и поскапи ти ги засенија очите. Ти ја отфрли нашата долгогодишна заедничка делба на радост и среќа, за каприц, за его. Ти ме остави скршена, со рани кои не зараснуваат. Знам дека и ти се чувствуваше така, бидејќи мислеше дека имаш сѐ, а всушност изгуби сѐ, а колку и да не сакаш да признаеш тоа боли.
На раката имам прстен, ми го подари човек кој не го познавам толку долго, не доволно долго за да кажам дека го знам добро како што те знам тебе. Не знам дали кафето го сака со кајмак или без, дали јајцето го јаде средно варено или полу живо. Не можам да кажам која му е омилена чоколада, омилен пијалак или омилен филм.
Но, тој е добар човек. Кога срцето ми беше распарано тој најде начин да го зашие и да го направи да функционира на некој примитивен начин и без да сакам тој влезе во мојот живот.
Не можам да се жалам, изборот беше мој, но морав така да изберам. Бидејќи колку и срцето да ми вели дека јас и ти требаше да завршиме заедно, едноставно разумот не дозволува, велејќи дека ти не ме заслужуваш.
Не можам со сигурност да кажам дека го сакам, тоа би било премногу, но избрав да се мажам за да не останам сама, ме плашеше помислата на самотија. Се сеќаваш, ти ме остави сама во години кога сите возови веќе тргнале некаде. Тоа никој не го заслужува.
Но, како што минува времето, јас ќе успеам да го засакам, затоа што таков третман не сум имала со години, секако бидејќи тебе ти припаѓав.
Не се обидувај да дојдеш, а знам дека ќе пробаш. Дозволи ми конечно да бидам среќна и да заборавам на тебе барем на кратко. Излези од моите мисли и остави ме да го живеам животот, кој ти избра да биде без тебе. Додека сите околу мене ќе бидат пресреќни, јас ќе бидам онаа единствената која ќе се бори со сите немири обидувајќи се да се разубедам дека љубовта сепак ќе се случи.
Живеам со надежта дека неговите усни ќе ги љубам онака како што ги љубев твоите. Дека некогаш ќе ја доживеам таа точка на страст, како ноќите во кои јас и ти бевме интимни. Живеам да го засакам, друго не ми остана.
Додека размислувам и настанува хаос во главата, ја слушам музиката која се доближува до мојот дом, однадвор доаѓаат сватови по мене. Застанувам пред огледалото восхитувајќи се на сопствената убавина. Посакувам на тој начин да блесне и моето внатрешно битие и да зараснат сите рани. Си велам ќе се случи со текот на времето.
Дотогаш имам една цел, да го сакам него на начинот на кој те сакав тебе, затоа што тој барем заслужува!
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Н. Буџак | Црнобело