Изгубен во знаците на нејзиното петтолиние
Познавав луѓе кои што имаа чудни идеи кои светот не ги разбираше, но тие секогаш наоѓаа начин истите да ги остварат.
Колку и да беше чуден феноменот на повредување со обесхрабрување додека минувате низ пекол, тој истиот потоа се претвораше во цинични честитки и лажни зборови веднаш штом сите препреки беа надминати.
Јас бев човек кој секогаш имаше што да каже, без разлика дали требаше да се организира востание или петочно излегување, без разлика дали некој беше заљубен и повреден, јас секогаш имав начин да се справам со ситуациите преку зборовите кои извираа од мене, тие како да беа дарот од Бога. Знаете некој умее да свири, некој да танцува и пее, јас најдобро се снаоѓав со поврзување на зборовите.
Додека ја гледав омилената серија после долгиот напорен работен ден мојата сопруга дојде и ми рече дека се запишала на курс по музичка уметност и дека планира да купи гитара. Знам дека разговаравме за запишување и јас отсекогаш сакав да свирам пијано, но ја гледав зачудено, бидејќи знаев колку премногу обврски има околу работата, околу децата и куќата, се чудев како таа на 35 години нашла сила и време за креативност. Не реков ништо, иако да бидам искрен тоа ми пречеше.
По природа бев романтичен тип, а бракот и обврските како да ни ја одзедоа романтичноста, а нејзиното запишување на курсот за гитара значеше капитулација за нашите вечерни романитки, едноставно не беше можно да се најде време.Се чудев како можам да станам толку себичен и да негодувам на нејзиниот сон, се борев со себеси и не дозволив ништо да и кажам во очи, но мислам дека чувствуваше.
Два месеци после нејзиното запишување во една пријатна февруарска ноќ беше заспала со гитарата во раце на фотелјата. Дневната соба беше хаос, бидејќи не ги расчистила остатоците од вечерата со нашите пријатели. Не ми пречеше тоа, завршив со припремите за наредниот ден и бев во можност да го средам нередот. Во моментот ми пречеше нејзината преоптовареност. Ја покрив со ќебе преморената сопруга, додека да раскренам. Така расчистувајќи забележав листови, на нив имаше петтолиние со знаци кои ми изгледаа познати, но јас не ги разбирав.
На телефонот имаше прикачено слушалки и беше пуштена некаква песна, на неа пишуваше„Прва песна”, ја пуштив одново и седнав до мојата заспана сопруга. Додека слушав музиката ги ежеше сите делови на моето тело, бидејќи песната која ја напишала беше посветена токму на мене. Мојот борец освен што ја совладал гитарата на толку години, успеал да создаде изненадување токму за мене. Текстот го пееше некоја девојка од курсот. Ми ги насолзи очите.
Раскажуваше за нашата страст, за нашите љубовни копнежи, за нашите соништа кои заедно ги остваруваме, за една љубов која никогаш не згаснаснува. За свет кој постои само во приказните, една заедница базирана на искрени чувства, еден живот создаден од два други, беше тоа феноменална композиција за која најзаслужна беше мојата сопруга.
Откако беше исвирена последната нота, ја кренав во рацете и ја однесов до спалната. Чувствував вина, пред се заради мојата себичност во остварување на нејзиниот долгопосакуван сон. Ја носев во рацете како мало дете и откако удобно ја сместив во нашиот кревет легнав до неа гушкајќи ја силно.
Сфатив дека за соништата можеш повремено да жртвуваш некои работи, но ако си ги жртвувал тоа не значи дека тие изумреле во тебе, туку едноставно морале да бидат запоставени заради подобри цели. Тогаш сфатив дека знаците во петтолинието се мојата нова романтика која мислев дека исчезнала.
Научив дека ништо не е невозможно, со нејзината прва песна јас добив желба да бидам покрај неа и заедно да учиме. Другиот ден станав со желба да запишам часови по пијано, сон кој не требаше никогаш да го запоставам. Морав да го научам петтолинието за да го разберам јазикот на нашата нова романтика. Бидејќи колку и да делува чудно, таа беше на некој начин секси и возбудлива, а воедно беше заеднички сон од кој никогаш не требало да се откажеме....
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Н. Буџак | Црнобело