Девојката од соседната соба

Колку пати ќе треба да се случат некои работи за да сфатиме дека приказната во која што сме вклучени не ги има оние совршени случувања кои се карактеристични за она што би го нашле на малите екрани.

devojkata-od-sosednata-soba-01

Суровоста и строгоста на нашата приказна ќе ја преживуваме одново и одново со цел да станеме цврсти и да прераснеме во вистински дијаманти.

Со такви мисли лежев во мојот кревет во сабота навечер, бев преморен за да правам било што, не ми доаѓаше на памет да излезам некаде надвор, дури и гледањето филм претставуваше преголем напор. Додека лежев ја слушнав истата песна која ја слушав секогаш во сабота навечер, доаѓаше од спротивната соба во студентскиот дом во кој живеев.

Порано не ми пречело, бидејќи обично сабота е време за забава и не сум ја забележал, но сега ужасно ме нервираше и создаваше некое грозно чувство.

Си помислив ќе престане, па не се обидов да изреагирам на таа мелодија која ми ја попречуваше саботната мрзеливост.

Но, се повторуваше одново и одново, можеби цели четириесет минути кои ме доведоа до целосно лудило и изнервирано станав да се побунам за музиката која доаѓаше од соседната соба. Тропнав на вратата и ме пречека девојка која беше на моја возраст.

„Ти сигурно си комшијата, сите соби се скоро претпразнично празни, знам зошто си тропнал на мојата врата, но за да не стоиме дојди да ја објаснам мојата постапка за она што те изнервирало“.

Влегов во собата која изгледаше нормално, ништо чудно што би асоцирало на чудни станари со некои чудни навики. Седнав на креветот додека девојката го вареше кафето.

„Знаеш јас живеам сама, бидејќи мојата цимерка се отсели со образложение дека јас сум многу чуден и тмурен човек. Знаев што мислеше, но не знаев како да и ги објаснам моите причини за моето однесување, па еве сега ти ми дојде како сунѓер кој би можел да ја впие мојата емоционална болка. Ја гледаш оваа гитара, таа впиваше како сунѓер, но емоционалната течност на мојата душа е премногу, ми требаше човек за разговор, да не тропнеше кој знае што ќе беше со мене. Но, да не застранувам.

Сигурно те интересира зошто секоја сабота некаде кон осум часот навечер јас ја свирам истата мелодија, одново и одново околу четириесет минути нели?“

Јас само кимнав со главата давајќи знак дека тоа е причината за она што бев изреволтиран, со надеж дека не се доведов сам во стапица и не влегов во пештерата на непријателот.

„Епа драг мој комшија тоа е затоа што точно пред три години некаде кога имав седумнаесет години јас бев заљубена до уши. Бев среќна девојка која беше прифатена од друштвото, имав многу идеи и бев полна со живот. Го сакав неизмерно и тој ме сакаше мене. Но, беше поголем од мене цели три години.

Машко си сигурно ќе разбереш колку е чудно да имаш дваесет години, а да одиш со помала девојка од тебе и притоа да го немаш првото сексуално искуство. Да така беше, бидејќи јас така одлучив и јас не бев подготвена за тој чекор, но понесен од притисокот на друштвото тој мене воопшто не ме праша.

Таа сабота, на 13-ти декември некаде околу осум часот тој во својот автомобил насилно ги откорна копчињата на мојата црвена кошула, насилно ја растрга мојата кадрава коса и безмилосно ги стегаше глуждовите на моите раце, обидувајќи се да го загуши мојот плач со бакнежи. Лажни бакнежи за да стигне до она што него го направи маж, а мене ми го преврте животот наопаку. Како дива ѕверка ме растргна низ неговиот автомобил и ми го одзеде најмилото, што секако ќе му припаднеше него, бидејќи јас верував во нас, го сакав и го обожавав, тоа требаше да биде посебно, но тој одлучи тоа да се случи кога тој ќе сака, а не кога требало да се случи за двајцата.

Јас никому не кажав, не го пријавив, не можев, се срамев, само се оддалечив. Не само од него, се оддалечив од моите дома, од пријателите, од луѓето, од светот. Станав чудак кој никој не го разбира. Затоа секоја сабота околу четириесет минути колку што траеше сцената која веќе три години се обидувам да ја избришам од својата глава јас ја свирам мелодијата која ми беше омилена додека бевме заедно. И колку и да сакам да престанам да го правам тоа не можам, барем не мислам на други полоши работи кои можам да ги направам.

Тоа сум јас, чудакот кој после толку години го побара човекот кој и го зеде детството и го зеде животот, го сретнав пред некој ден, ја држеше за рака својата свршеница. Го погледнав во очи и го видов истиот страв, но видов страв во него, бидејќи јас сега него можам се да му уништам. Но, што ми вреди?

Таа средба ме натера да проговорам и ете не знам зошто како некој да те донесе за да си ја испразнам душата, да ти раскажам за болката која ме мачи, за мелодијата која тебе ти ствара тензија, а мене меланхолија. Јас, девојката од соседната соба.“

Смирено ги заврши своите мисли и ме гледаше сосема нормално додека пиеше од кафето.

Јас немав што друго да и дадам освен прегратка и убедување дека еден ден ќе успее да ја заборави таа страшна слика. Немав зборови кои што можев да ги сврзам, а често пати лесно ги сврзувам, за да го изразам моето жалење и мојот гнев воедно кон оние безмилосните.

Кафето кое го пиев таа вечер беше горко, но не поради тоа што немаше шеќер. Некако солзите на девојката од спротивната соба која беше мила, со желба за успех и живот ме натераа да размислам за луѓето без чувства. 

Ме натераа да се запрашам како може човечкиот фактор злоба да опстојува толку прикриено, а сепак доминантно во секој од нас. Ми се вртеше реченицата „не ја давај својата доверба никому“.

Зарем луѓето заборавија да ја ценат довербата и сè се сведе на личен прогрес на туѓа несреќа.

Посакував да го заборавам разговорот и се каев што воопшто бев мрзелив таа сабота, не можв да заспијам. Постојано ми се вртеше мелодијата на девојката од соседната соба.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Н. Буџак | Црнобело

Би можело да ве интересира:

„Јас сум разведена жена и за една работа се каам најмногу“ „Се каам што ја пренагласив улогата негова сопруга и заборавив да ги следам свои...
„Девојка ми не сака да работи и очекува јас да плаќам за сè – мислам дека е мрзлива и има нереални ж... „Со девојка ми сме заедно повеќе од две години. Ми кажа дека сакала само јас да ...
„Мојот дечко им раскажува на колегите за нашиот сексуален живот и не сака да престане - што да права... „Не мислев дека толку многу може да ми пречи што зборува мојот дечко зборува за ...
Луѓе откриваат: „Предупредувачки знаци кај бившиот што ги игнорирав“ „Неговите пријатели ми рекоа да се држам настрана од него. И, тоа требаше да ми ...
Врска со постар маж или постара жена - Кои се предностите, а кои недостатоците? Постарите мажи не сакаат игри и ќе се трудат да ве заштитат од лоши искуства. Но...
„Се договараме да имаме секс, па некој заспива“ – Србинки за сексуалниот живот по 9 години брак (18+... „Обично и двајцата сме толку уморни, што некој заспива пред телевизорот. И кога ...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg