Очите никогаш не лажат. Барем не неговите
Понекогаш не знам што сакам да кажам. Едноставно, ми се блокираат мисливе – како да заминуваат некаде и да не ми кажуваат. Последно на што се сеќавам е дека ме фати за рака, а милион мали ситни морници ме полазија по телото. За чудо, имаше нежни раце, но сепак погруби од моите. И следно, ме повлече кон себе. Мирисаше на силен машки парфем, како да асоцираше на моќ и суета, но знам дека не беше таков.
Во позадина свиреше некоја класична музика, а јас знам дека тој не беше љубител на неа. Всушност, тој воопшто не ги сакаше истите работи како јас, но сепак знаевме да разговараме. Понекогаш тоа. А ,понекогаш пак знаевме да си кажеме такви ужасни гадости што би ни било срам да се појавиме пред другиот утредента. А сепак се појавуваме. Сепак се јавувавме и сепак никогаш не молчевме.
Паметам дека сакаше да играме и можеби не беше трезен. Можеби едноставно коцките во главата му се наредија или му фалеше некое штрафче. Не знам што беше, но знам дека таа вечер сме играле како никогаш до сега.
Можеби затоа што потајно тој знаеше дека јас сакам да танцувам. Можеби потајно знаеше дека јас иако не го сакам ова, тоа така излегло и јас одам по него. Одам по тие апсурдни скалила на кои силно им се надевам, а кои не водат никаде.
И игравме. Игравме слушајќи ги тие звуци на некои музики за нас непознати. Блиску еден до друг, моето лице се трудеше да ги стигне неговите раменици и тука некаде го дишев. Не го дишев парфемот, туку го дишев неговото битие. Сакала или не, тој танц предизвикуваше нешто во мене. Не може да се рече дека беше она што конвенционално би го нарекле „добро“ , но не беше ни „зло“ – беше на средина.
Ми шепкаше ласкави на зборови на ушите, а јас молчев. Бидејќи тоа го прават дамите на такви коментари. Да бев поинаква, „срамежливо“ ќе се закикотев. Можеби затоа играше со мене. Можеби затоа шепотеше такви работи некарактеристични за него. И знам дека го гледаше фустанот што го носев. Гледаше сѐ што правев – секој збор што ќе го разменев со неговите другари, неговото семејство и знам дека уживаше во тоа.
Можеби јас сум суетната, можеби ми се привидува, но очите не лажат. Очите никогаш не лажат. Барем, не неговите.
С. С. | Црнобело