Талкав за да си ги создадам шансите, но те изгубив тебе...
Tи ме претвори во една сурова личност која егоизмот и го краде срцето во секој миг и не сакам да те сакам за сметка на твојата рамнодушност.
Тука сум, сама.
И од некаде доаѓа мирисот на животот кој секогаш студен и суров пак ми те зема од хоризонтот. Чекорам по тебе, а никако да те стигнам. Рекле дека среќата во животот се допира само еднаш, а потоа и да трчаш по неа никогаш нема да ја стигнеш.
Дали ти си среќа?
Што е среќата?
Се купува ли од онаа продавница за леб, каде што еднаш јас и ти купувавме леб за да им го дадеме на оние што им треба?
Вредат ли сега нашите дела кога те нема?
Не знам дали те зеде далечината или судбината...
Сама сум. Сама, во ова сивило на декемврискиот ден кој никако да замине, туку како за несреќа ја носи ноќта, уште помрачна и постудена како бар да нема светлина во луѓето, во мојата имагинација. За кого постојам, за себе или за тебе? Насекаде прашалници за кои одговорите ги чекам со денови.
Дојде ноќта, десет минути пред полноќ. Посакувам да си ја отворам душата, да раскажам...
Сакам да сум некаде далеку.
Изгубена во ритамот на некоја музика која доаѓа од дното. Сакам да ти се јавам. Само сакав да ти се јавам. Да ти кажам дека каде и да си, со кој и да си, со мене си во мислите...
Посакав да си солза во моето око, па кога ќе ме здоболи некоја твоја постапка, само треба да заплачам и ти...
Не успеав во тоа. Талкав за да си ги создадам шансите, но те изгубив тебе...
Сакам овој ден да заврши... Тагата со него...
Сакам од утре на сè да се радувам, само да го носи името твое.
М. К. | Црнобело