Пепелашка за еден викенд
Претпоставувам дека сите ја знаете бајката за Пепелашка каде принцот се појавува во ѕвездената ноќ, па ја губи саканата во истата ноќ за подоцна да ја најде и да живеат среќно засекогаш.
Понекогаш кога танцувам на подиумот со другарките и сите безвезно се кршиме за да предизвикаме нечиј поглед, токму тогаш ме зафаќа очајничка криза за момче. Посакувам некој да е покрај мене, да ме прегрнува... Не дека ги нема такви... Но, тоа е само минлива страст до полноќ спротивно од приказната за Пепелашка. А мојот живот е далеку од бајка...
Понекогаш се е толку бледо и мрачно, за миг подоцна да стане светло и блескаво, па пак мрачно. Смачено ми е од контрастите кои ми ја прогонуваат душата. Јас сакам да станам само една обична алинеја од приказната наречена љубов... И само толку... И некој покрај мене.
Кога посакав бајка ми се случи обратната верзија на Пепелашка. Го пронајдов принцот и по заедно поминатиот викенд во најубавиот град на Балканот, следуваше разделба, јас заминував во мојот град, тој во неговиот.
Ќе се запрашате зошто го нарекувам принц, кога сето тоа траеше толку кратко?
Знаете тој беше единствениот од сите што сум ги запознала кој има толку заразна насмевка, кој со еден поглед ми кажуваше цела една историја, со неверојатно чувство за романтика, кој ме почитуваше, го ценеше секој мој труд, ги прифаќаше сите мои амбиции, беше тука крај мене, не беше љубоморен, знаеше што сака од животот, беше искрен... И сега стана само спомен.
Се сеќавам на зборовите на една моја драга пријателка која секогаш ми вели да живеам денес и да не мислам на вчера или утре затоа што се што е слатко трае премногу кратко... Само еден миг!
Автор: М.К. | Црнобело