Ете таков те сакам, несовршен
Првиот момент кога те здогледав телото почна да ми трепери. Си реков, еден ден ќе ми паднеш в раце. Посакувам страст со тебе, романтични ноќи, жешки утра. И Паоло Коелјо бил во право со она неговото дека кога навистина сакаш нешто целиот Универзум ќе скова заговор за да го добиеш.
Оп, те добив. По нецели два месеци, по смислувања изговори дека ме болеа сите заби само за што почесто да ти доаѓам на работа.
И уште вториот ден посакав да те променам, не затоа што ти недостасуваше било што, туку затоа што сакав да те направам совршен. Прости ми, таква сум јас, болен перфекционист. Не застанувам додека нештото не го направам совршено.
Сакав тебе да те направам совршен мислејќи дека јас сум совршена, ти го приготвував ручекот по неколку пати додека конечно вкусот не станеше совршен, ја малтретирав шивачката додека не ми сошие совршен фустан. А, да сакав и светот да го направам совршен ама не стигнав да влезам во акција.
Едно утро ТИ ми удри шлаканица со твоите зборови. „Јована извини, ама џабе се трудиш да ме промениш. Дрвце се калеми додека е младо, не на 32 години. Разбери, нема да ме промениш. Јас никогаш не сум бил, ниту некогаш ќе бидам совршен. Јас само сакам да бидам човекот кој бев пред да те сретнам, спокоен, безгрижен. Ме исфрустира со твоите обиди нешто да промениш. Ако некогаш се промениш и одлучиш да не ме менуваш, јави се, можеби се уште ќе бидам сингл.“
Извини, промени, фрустрации, бла, бла, бла... Така тогаш си мислев. Бев гневна на тебе, ми се повраќаше од помислата дека на тебе можев да потрошам толку време.
Но, по неколку месеци почнав појасно да гледам. Изгубив се, тебе, другарките, роднините, работата, се изгубив во обидот да ги направам совршени. Сфатив дека те сакам ете таков, несовршен, онаков како што те запознав. Но, сега е доцна да се вратам назад. Ти си на другиот крај од светот во туѓи прегратки, очекуваш принова.
Несовршен си, ама сега имаш совршена љубовна приказна. Онаа која можеби можевме ние да ја имаме. Можеби...
Автор: М.К. | Црнобело