Она кога едното се дели на две, тогаш губиш сè!
Го чувствував како се откинува од мене таа вечер. Како лист од гранка во тажна есен, се откинуваше од моето срце веејќи се во воздухот избледената љубов, заводливо играјќи во ритамот на ветрот, залажувајќи ги очите со повторно враќање назад.
Но, знаев дека скинат лист никогаш повторно не се лепи за гранка, кога веќе еднаш се откинал од неа.
Кога – тогаш ќе клапне на земја, можеби нема да се скрши, но ќе пожолти, ќе лежи таму сè додека не заврши во нечиј детски хербариум за на училиште.
Го чувствував како умира таа вечер соочувајќи се со животот без мене, почувствував дека не го чувствувам повеќе.
Како стара рана која не боли на секој допир, рана која не се отвора така лесно, зашиена со конци на разделба, прикриена со газа од прегратки, дезинфицирана од бакнежи, имуна на љубов.
Го чувствував таа вечер како станува имун на мене, се почувствував себеси имуна на него.
Двајцата не бевме зависни еден од друг, а во минатото бевме како сијамски близнаци чие тело има едно срце кое чука за две души.
Но, едното се оддели на пола, како лист од гранка во трула есен, се откинуваше од моето срце веејќи се во воздухот избледената љубов, заводливо играјќи во ритамот на ветрот залажувајќи ги очите со повторно враќање назад.
Тогаш сфатив дека кога едното се дели на две, тогаш губиш сè, но сè што не си имал никогаш.