Задржи го тој што го чувствуваш!
Ми рече дека ме сака, му одговорив дека не му верувам... Верувај ми, ми врати, не сакам никогаш да те испуштам од раце, сакам да те задржам засекогаш во нив.
„Така рекле сите пред тебе“, кажав потиштено, „но, сепак, сум се слизнала од нивните раце лесно како зрно во пустински песок“.
Јас не сум сите, јас не го кажувам тоа што не го мислам, посебно тоа што не го чувствувам, знам дека и ти го чувствуваш тоа дека те сакам.
Го гушнав и се почувствував исполнета, сакав да го задржам во прегратки до крајот на вечноста или барем вечерта.
Едноставно го чувствував. Таа негова енергија, тоа „Те сакам" без зборови!
Сакав да го задржам во срцето до крајот на времето или барем нашето време.
Задржи го и ти тој што го чувствуваш, а не тој што го привлекуваш, задржи го тој што ќе те нарекува убава без зборови, тој што ќе те прегрнува без раце, тој што ќе те разбира без зборови.
Задржи го тој што не спие само за да те набљудува како спиеш на неговите гради бакнувајќи го твоето чело.
Задржи го оној со кого ќе биде доволен само поглед за да почувствуваш дека те сака, сака да те задржи и никогаш да не те испушти од вид, а камоли пак од раце.
Не стегај го срцето само бидејќи некогаш си сакала со претходниот да го срушиш светот од љубов, но наместо тоа тој успеал да го сруши само вашиот свет, кој бил жеден за љубов или макар мало сожалување.
Предај се целосно, исто како и првиот пат кога си сакала искрено и безрезервно, немаш што да изгубиш, можеш само да добиеш, уште едно искуство во најлош случај или сродна душа во најдобар случај.
Изборот е твој!
Можеш да одлучиш да го пуштиш вистинскиот да замине, по цена на погрешниот кој заминал сам или да го задржиш бидејќи длабоко во себе знаеш...
...Знаеш дека те сака, го чувствуваш, стави ја дланката на твоето срце, тоа ќе ти каже. Верувај им на неговите отчукувања кои се во ритамот на неговото име, кое веќе ти станало најубава мелодија за твоите уши.
Затоа задржи го тој што го чувствуваш, бидејќи тој ќе се обиде да те направи најсреќна на свет до крајот на вечноста или барем вечерта, секоја вечер до крајот на времето или барем вашето време!
И не заборавај... дозволи да те почувствува и тој!