Што е „предвремена интимност“ и колку време треба да чекате за првиот секс, според експерт за врски
Знаете ли што е „предвремена интимност“? Таа не се однесува само на сексот, туку и на голем број други работи. Кои грешки за време на првите состаноци може да ви ги уништат можностите да започнете сериозна љубовна врска?
Џесика Алдерсон е коосновач и експерт за врски во компанијата So Synced од САД која им помага на луѓето да најдат љубов и животни партнери.
Таа во интервју за американските медиуми зборуваше за т.н. „предвремена интимност“ и за тоа како таа може да се одрази врз љубовниот живот и почнувањето нови романтични врски, особено ако трагате по вашата сродна душа.
Под „предвремена интимност“ не се подразбира само сексот, туку и секој вид на прерано интимно однесување, како држење за раце, бакнување или споделување лични информации за плановите за иднината, пред да дозволите вашата поврзаност да се продлабочи.
Според неа, голем број луѓе се плашат од одбивање или од напуштање, па сметаат дека ако се отворат порано во врската, ќе успеат да креираат поцврст однос, или пак не се ни свесни дека тоа што го прават не е нормално за толку рана фаза од врската.
„Кога некој споделува лични информации, тоа може да значи дека се трудат да добијат сигурност од личноста со којашто се состануваат.
Ова потекнува од нивната несигурност и потребата за надворешни признанија“ – вели таа.
Според неа, ваквата предвремена интимност може да има несакани последици:
1. Може да ја преоптоварите личноста со којашто сте на состанок и да ја ставите во незгодна ситуација, ако таа сѐ уште не е подготвена за толкава интимност;
2. Ќе ја загубите мистериозноста и ќе го убиете интересот кај другата страна;
3. Едната личност може да се чувствува дека вложува многу повеќе во врската, додека другата е рамнодушна;
4. Опасност да бидете сфатени погрешно, затоа што личноста не ве познава добро и го нема контекстот за вашето однесување;
5. Ја убивате можноста за постепено растење на поврзаноста меѓу партнерите.
Оттука, сосема нормално се поставува прашањето: Kолку состаноци треба да поминат за да можете да го имате првиот секс?
Експертите за состанување имаат различни ставови, но едно истражување спроведено во САД, покажало дека најголем број млади луѓе се сигурни дека треба да чекаат до осмиот состанок за да бидат сигурни дека имаат можност врската да биде долготрајна и дека имаат заедничка иднина.
„Ако некој споделува повеќе информации отколку што треба или е предвремено интимен со вас, треба гласно да му кажете дека не ви е пријатно и дека не сте подготвени за тој степен на интимност“ – вели Џесика Алдерсон.
Б. С. Б. | Црнобело