Трикови и совети со кои сигурно ќе оставите добар впечаток на интервју за работа
Интервјуто за работа може да биде навистина стресно искуство, но добрата подготовка сигурно ќе ви помогне барем малку да се ослободите од грижите и стравот.
Кога станува збор за интервју за работа, првиот впечаток може да биде најважен, па добро би било да обрнете посебно внимание на тоа.
Во пандемијата можеби поголем дел од интервјуата се сега онлајн, но независно дали имате интервју онлајн или во канцеларија со маски, треба да обрнете внимание на некои трикови.
Во продолжение погледнете неколку совети и трикови што ќе ви помогнат да оставите добар впечаток:
Смирете се со едноставен трик
Нормално е да бидете исплашени и под стрес пред интервјуто за работа, но постои навистина едноставен трик што ќе ви помогне колку-толку да се смирите, но и да изгледате посамоуверено.
Пред да влезете на интервјуто, обрнете внимание на држењето на телото – исправете го грбот, кренете ја главата и, едноставно, застанете како личност полна самодоверба. Според некои истражувања, ова е сосема доволно за да се почувствувате посигурно во себе.
Избегнувајте нападна шминка
На интервју за работа најдобро е да носите што е можно поприродна шминка. Ова значи дека е најдобро да избегнувајте темни сенки, големи вештачки трепки и кармини со силна боја. Доволно е да нанесете пудра, маскара и сенка и кармин со неутрална боја.
Внимателно одберете ги модните додатоци
Модните додатоци можат да ви помогнат да изгледате како сериозна и самоуверена личност, па одбирајте ги внимателно. Како со шминката, и во овој случај следете го правилото „помалку е подобро“. Односно, избегнувајте голем и впечатлив накит.
Запомнете го името на личноста која ве интервјуира
Покрај најважните информации за компанијата во којашто аплицирате, добро би било да го запомните и името на личноста која ќе ве интервјуира.
Ако не ви кажале име пред интервјуто, внимателно слушајте кога ќе ви се претстават. Уште подобро ако го искористите името во текот на интервјуто – со ова ќе оставите многу подобар впечаток.
Зборувајте јасно и самоуверено за вашите јаки страни и досегашни достигнувања
Нема потреба да глумите скромност на интервјуто за работа, но внимавајте и да не претерате. Јасно и самоуверено зборувајте за сите ваши достигнувања и вашите силни страни, а најдобро е однапред да се подготвите за тоа. Пред интервјуто, размислете како е најдобро да ги споделите вашите претходни искуства и немојте да се потценувате.