Како да ја намалите болката во мускулите по тренинг?
Немојте секој ден да вежбате со тегови, а по тренингот испијте чаша чоколадно млеко.
Болката во мускулите по вежбање ни е добро позната на сите.
Ако почнете да вежбате редовно, интензитетот на болката постепено ќе се намалува. Но, додека да стигнете до таа фаза, некогаш болката може да биде и неподнослива.
Што можете да направите за да ја намалите болката во мускулите по тренинг?
Правете вежби за истегнување на крајот од тренингот
Откако ќе завршите со тренингот, одвојте 10-тина минути за да ги истегнете мускулите.
Вежбите за истегнување ќе ги релаксираат мускулите и ќе го намалат интензитетот на болката.
Испијте чаша чоколадно млеко
Чоколадното млеко ќе го снабди организмот со хранливите материи кои се изгубиле преку потењето.
Тоа содржи јаглехидрати и протеини кои им годат на мускулите и можат да го забрзаат нивното закрепнување.
Наместо чоколадно млеко, можете и да изедете парче пица - бидејќи има и протеини, и јаглехидрати, може да има колку-толку ист ефект по вежбањето.
Само немојте да изедете многу за да не ги „вратите“ согорените калории и масти, и немојте да јадете пица по секој тренинг.
Бидете активни и во деновите за одмор
Кога вежбате редовно, интензитетот на болката во мускулите ќе почне да се намалува.
Затоа, препорачливо е дури и на деновите за одмор да бидете активни – возете велосипед, одете на прошетка и слично.
Спијте по барем седум часа
По напорната физичка активност, важно е да му дадете можност на организмот да закрепне и да си ја врати енергијата.
Затоа, осигурете се дека секоја вечер ќе спиете барем по седум часа.
Немојте секој ден да вежбате со тегови
Освен ако не сте професионален спортист, нема потреба секој ден да правите вежби со тегови. Исто така, не треба секогаш да правите вежби за сите мускулни групи.
Во текот на неделата треба да одмарате барем еден ден, но, како што спомнавме, ова треба да биде активен одмор.
Препорачливо е и два дена од неделата да вежбате кардио.
Масирајте ги мускулите и носете тесни хеланки
За да ги масирате мускулите, можете да си купите масажер, но слободно можете да употребите и обично сукало. Важно е само да не создавате многу притисок за да не се повредите.
По тренингот можете да облечете и тесни хеланки кои ги намалуваат болките во мускулите.
Истуширајте се со ладна вода
Ладната вода може да го намали воспалението во мускулите, а со тоа и болката.
Спирова С. | Црнобело