5 лесни вежби за сите кои не можат да одолеат на празничните трпези
Кифлички, руска салата и колачиња за Нова година, па рипче, гравче и пити за Бадник – јасно е дека никој не може да одолее на празничните трпези, но потрудете се барем да вежбате.
Овие лесни вежби ќе ви помогнат колку-толку да се одржите во форма, или барем да не чувствувате голема грижа додека јадете за време на празниците.
Се прават лесно и не ви е потребна никаква опрема – одвојте само неколку минути во денот:
За раце и гради
Седнете на колена на подот како на илустрацијата, свиткајте ги рацете во лактите и ставете ги дланките една до друга.
Стискајте ги дланките силно една кон друга 10 секунди, а потоа кренете ги над глава споени. Останете така 5-10 секунди, па нежно спуштете ги до половина.
Повторете 10-15 пати со паузи од 30 секунди.
За стомак
Легнете на грб, нозете раширете ги, рацете испружете ги, а дланките ставете ги на стомак. Издишете и кренете ги нозете нагоре, а во исто време поткревајте го телото, носејќи ги рацете нанапред.
Повторете 10-15 пати.
За грб
Легнете на стомак, свиткајте ги рацете во лактите и ставете ги дланките пред глава. На издишување, кренете ги лактите и враќајте ги наназад, а рамената и грбот кревајте ги нагоре и враќајте се во почетна положба.
Повторете 10 пати.
За задник и колкови (со или без тегови)
Застанете исправено со раширени нозе двапати пошироко поставени од рамената. Вдишете и полека свиткајте ги нозете во колената и во исто време кревајте ги рацете настрана. Со издишување вратете се во почетна позиција.
Повторете 15 пати во 3 серии.
За цело тело
Застанете исправено со раширени нозе и малку свиткани во колената, а рацете ставете ги на половина.
Поткренете ги петиците од подот, додека истовремено ги ширите рацете настрана и ги виткате во лактите. Без да смените положба вдишете и кренете ги рацете нагоре, а кога ќе издишете вратете се во почетна положба.
Повторете 20 пати.
М. М. | Црнобело
Би можело да ве интересира:





