Делфин во Неи Пори, фока на Ситонија - големите бранови ги дотуркале на брегот, туристи им помагаат (фото)
„Големите бранови ги дотуркаа до брегот и човекот на фотографијата не беше единствен што го враќаше делфинот во морето, туку вкупно тројца луѓе“ – вели во коментар под фотографиите една од туристките што била присутна на плажата во Неи Пори каде делфин се насукал на брегот.
Голем број од туристите што во моментов се во Грција на социјалните мрежи споделуваат фотографии и видеа од тоа што се случува таму. Деновиве двајца туристи кои се на различни места во Грција споделија фотографии од спасување на делфин и фока.
Егејското Море има голем број животински видови, меѓу кои се и медитеранските фоки и делфините, но обично овие животни живеат во длабочините и ретко може да се забележат на брегот.
фото: Greekreporter
Медитеранските фоки во Грција важат за животни пред изумирање и се заштитени со закон. Еден од туристите кој деновиве се нашол на плажата во Метаморфози во Ситонија, сподели повеќе фотографии на Фејсбук групата Sitonija na dlanu, на кои може да се види фоката на брегот.
„Денес, фока, залута и се насука на плажата во Метаморфози... Успеавме да ја спасиме и да ја вратиме во морето... Ова беше неверојатен настан... Сите знаеме дека има делфини. Но, ете... Се појави и фока и спасена е“ – напиша тој до фотографиите.
Друг турист, пак, објави повеќе фотографии од неговата средба со делфин на во Неи Пори.
Повеќе личности коментираа на неговите фотографии објавени на Фејсбук групата Live from Greece. Имаше коментари во кои го критикуваа човекот затоа што не требало да си игра со делфинот, туку да ги повика надлежните служби за да се осигураат дека делфинот не е повреден.
Во друг коментар, жена која се затекнала на истата плажа, истиот ден, коментира дека делфинот бил донесен на плажата од големите бранови и дека човекот на фотографијата не бил сам во спасувањето на делфинот, туку дека вкупно тројца го правеле тоа.
„Важно е дека кога го истуркаа во подлабока вода, делфинот сам замина во длабочините“ – пишува таа.
Погледнете уште неколку фотографии од фоката и делфинот во продолжение:
Б. С. Б. | Црнобело