8 работи што мора да ги правите за вашиот миленик, според ветеринари
Ставете две кутии со песок за мачката, немојте да ги бањате милениците со шампони за луѓе и прошетајте го кучето откако ќе му ги исечете ноктите.
Кога станува збор за миленици, секогаш треба да ги слушаме советите на ветеринарите. И тоа не само за проблеми со здравјето, туку за секој аспект од грижата за нив.
За Insider, неколку ветеринари споделуваат кои работи ги прават за своите миленици, без исклучок.
Во продолжение нивните совети:
Шетајте го кучето откако ќе му ги исечете ноктите
Асфалтот може да биде како турпија за нокти за кучето, па препорачливо е да го однесете на прошетка по овој третман.
Ако, пак, кучето е исплашено пред третманот, исто така прошетајте го за да му помогнете да се смири.
Микрочиповите се препорачливи и за миленици кои не излегуваат до дома
Микрочиповите се користат за лоцирање на изгубени миленици, а ветеринарите препорачуваат да го чипирате вашето милениче, дури и ако станува збор за мачка која не излегува од дома.
Сепак, постои можност таа да излезе од дома ако заборавите некоја врата или прозорец, па чипот значително ќе ви го олесни барањето.
Контролирајте ги порциите храна на мачката
Мачката може да го помине целиот ден барајќи ви храна, но тоа не значи дека е гладна.
За да ја одвикнете од ова однесување, но и за да го избегнете дебелеењето, ветеринарите советуваат да воспоставите поголема контрола во хранењето.
Вашиот ветеринар може да ви помогне да одредите колку храна треба да ѝ давате на мачката и по колку пати дневно.
Не ги бањајте милениците со шампони за луѓе
Мачките самите се грижат за нивната хигиена и генерално нема потреба да ги бањате, освен ако се извалкаат многу.
Кучињата, од друга страна, треба да се бањаат најмалку еднаш месечно, но не повеќе од еднаш неделно.
А, и во двата случаи важно е да користите специјални шампони за мачки/кучиња бидејќи продуктите кои се наменети за луѓе можат да бидат штетни за нивната кожа.
Не ги заборавајте средствата против болви
Кучињата лесно можат да фатат болви додека се надвор, а истото важи и за мачките кои не се чуваат само дома.
Но наместо да чекате да фатат болви, подобро е превентивно да им ставите соодветно средство.
Денес постојат разни средства против болви кои можат да бидат ефикасни и по неколку месеци, па консултирајте се со ветеринарот за да го одберете најдоброто.
Вакцинирајте ги милениците
Вакцините можат да спречат разни болести кај милениците и се неопходни за нивното здравје.
Па, прашајте го вашиот ветеринар кои вакцини се потребни за миленикот и кога треба да ги прими.
Почнете со дресирање кога миленикот е мал
Многу е полесно да дресирате мало куче или маче отколку возрасно.
Покрај тоа, со самата дресура, ќе се зближите уште повеќе со миленикот.
Ставете две кутии со песок за мачката
Мачките не сакаат да користат валкан песок, па ако не го исчистите навреме, можно е да извршат нужда на друго место во домот.
Лесно ќе ги избегнете овие незгоди ако ставите уште една кутија со песок – ако сте немале време да ја исчистите едната, мачката ќе ја искористи другата.
Спирова С. | Црнобело