„Стаклена пеперутка“ и уште 10 проѕирни животни – доказ дека природата е вистинско чудо
Голем број животни ги усовршиле техниките за камуфлажа, па речиси невозможно е да ги видите од прва кога се во нивно опкружување. Но за некои животни еволуцијата отишла чекор подалеку и ги направила делумно или целосно проѕирни.
Најчесто водните животни се оние кои имаат проѕирни тела, со цел полесно да се камуфлираат и да се заштитат од предатори.
Според експертите, поради различниот индекс на прекршување на светлината во вода, на водните суштества им е многу полесно да се скријат со проѕирно тело, па веројатно и затоа има повеќе проѕирни суштества кои живеат во вода, отколку на копно.
Но, постојат и неколку копнени видови кои имаат проѕирно тело, или барем еден дел, како стомакот.
Во продолжение погледнете неколку вакви животни кои несомнено изгледаат надреално:
„Стаклена“ пеперутка (Greta oto)
Овие пеперутки неретко се нарекувани и „стаклени“ поради нивните проѕирни крилја. Најбројни се во централниот и северниот дел на Јужна Америка, но и во Тексас. На шпанските говорни подрачја, пеперутките се познати и како espejitos, односно „мали огледалца“.
Бебе од видот риби Acanthuridae
Ако сте го гледале „Finding Nemo“ или некое од продолженијата, тогаш оваа риба ви е позната – станува збор за рибата која е инспирација за ликот на Дори.
Кога ќе пораснат, овие риби имаат впечатливи бои, како темно сина и жолта, но додека се мали нивното тело е проѕирно.
Лигна од видот Ancistrocheirus
Слично како претходната риба, и овие лигни имаат транспарентно тело кога се мали и изгледаат надреално. Телото на овие лигни е украсено со впечатливи црвени точки, а најчесто живеат на длабочина од 200 до 1.000 метри.
Вид проѕирни мравки
Мравките од видот Monomorium pharaonis виреат во Европа, Америка, Австралија и Југоисточна Азија, а еден дел од нивното тело е проѕирен.
На фотките во продолжение, направени од страна на научникот Мохамед Бабу, мравките пијат обоена вода со која се истакнуваат нивните проѕирни стомачиња.
Медуза од видот Pleurobrachia pileus
Овие проѕирни медузи живеат во Атлантскиот Океан, како и Балтичкото и Црното Море. Поради проѕирното тело изгледаат како џамлии, а можат да пораснат до 2,5 сантиметри.
Проѕирно ракче
Ракчињата од видот Palaemonetes исто така имаат проѕирно тело, а можат да живеат и во слатка, и во солена вода. Поради изгледот, неретко се нарекувани и стаклени или ракчиња-духови, а во некои држави се доста популарни миленици.
Риба со проѕирна глава
Рибите познати како Macropinna microstoma имаат необична глава која изгледа како проѕирен сад полн вода. Овие риби не им биле познати на експертите до 1930-тите, а првпат беа фотографирани живи дури во 2004 година.
Стаклен октопод
Октоподите од видот Vitreledonella richardi имаат потполно транспарентно тело кое наликува на желатин. Ова се релативно мали октоподи и достигнуваат големина до 45 сантиметри.
Полжав со проѕирна школка
Полжавите од видот Zospeum tholussum обично живеат во пештери и иако нивото тело има кафеава боја, нивната школка е проѕирна. Тие се вид откриен неодамна, односно во 2013 година, а имаат проѕирни школки бидејќи живеат во темница.
Проѕирна жаба
Овие жаби се ендемски вид од Демократска Република Конго и извесен период научниците мислеа дека се изумрени, сè додека не беа повторно забележани во 2011 година. Станува збор за жаба од видот Hyperolius leucotaenius која живее во слатки води.
Телото на овие жаби не е целосно транспарентно, но сепак се гледаат дел од нивните внатрешни органи.
Стаклена жаба
Уште еден вид проѕирни жаби, често нарекувани „стаклени“ – овојпат станува збор за видот Centrolenidae, кој е најброен во Централна и делови од Јужна Америка.
Овие жаби имаат впечатлива зелена боја, а нивните стомаци се проѕирни и им се гледаат органите како срцето, црниот дроб и дигестивниот систем.
Спирова С. | Црнобело