Сопствениците не очекувале дека кутрето ќе порасне како човек: „Тој е пријателски настроен џин“
Често кога ќе видат дека некој продава или подарува куче од мешана раса, луѓето избегнуваат да го вдомат токму поради тоа што не знаат колку и како ќе порасне нивниот иден миленик. Така може да се случи да сте земале мало кученце во надеж дека ќе имате куче од мала раса, а тоа потоа да порасне. Но, оваа сопственичка воопшто не очекувала дека нејзиниот миленик ќе порасне како возрасен човек.
Нина Ајлинг (27) го купила мешанчето од расите Њуфаундленд и Пудлица, кога имало само 6 недели. Таа воопшто не очекувала дека Мajло ќе порасне толку голем. Мајло сега има 45 kg и кога ќе се исправи на задните шепи е висок околу 160cm.
„Ги видовме кучињата од претходното легло на одгледувачот кој ги вкрстува овие две раси и ниту едно од нив не пораснало како Мајло. Сите го сакаат и тој е омилен лик во локалниот паб каде што сака да се каши и да се потпре на шанкот“ - вели Нина.
Таа додава дека често слуша коментари како нејзиното куче го мешаат со човек во костим на мечка или го нарекуваат Чубака затоа што наликува на истоимениот лик од „Star Wars“.
„Не можеме да отидеме никаде без луѓето да нè прашаат што е тоа“, додава таа и вели дека дури и му направиле знак на кој пишува: ‘Јас сум Њуфајпу, имам една година и не знам дали ќе пораснам уште’ - затоа што луѓето постојано ги потпрашувале за Мајло.
Но, иако е голем и изгледа застрашувачки, Мајло се однесува како мало куче. Обожава да им седи на коленото на луѓето околу него и очекува тие да го чешкаат.
„Ако престанете да го чешкате ќе ве удри со шепата за да ви каже дека сака да продолжите. Тој е само голем пријателски настроен џин“ - вели таа.
Инаку, како што пишува Ladbible, големината на Мајло воопшто не е зачудувачка, затоа што постојат други кучиња што се спој од двете раси Њуфаундленд и Пудлица па се тешки од 30 до 60kg.
Овие кучиња се познати по пријателскиот карактер, по тоа што се мошне интелегентни, пријателски настроени и постојано бараат внимание од сопствениците.
Б. С. Б. | Црнобело