„Чудо е што преживеа“ – Во САД се роди кученце со две опашки и шест нозе
Во Оклахома се родило кученце со две опашки и шест нозе, а ветеринарите кои се грижат за него велат дека е во одлична состојба, но и дека е вистинско чудо што преживеало.
На 16-ти февруари, за време на снежна бура, во Оклахома се родиле осум кученца, од кои едното навистина необично. Кучето, кое го добило името Скипер има две опашки и дури шест нозе. Кога поминала бурата, изненадените сопственици го однеле кученцето во ветеринарна клиника на преглед.
„Нашите ветеринари знаеја дека ќе мора да направиме неколку истражувања за да поставиме дијагноза, па решивме да направиме снимка со ултразвук. Снимката покажа дека кученцето има две нарушувања, поради кои има една глава, но шест нозе и две опашки“, вели Тина Нил за CNN која работи во клиниката.
Неколку денови подоцна, ветеринарите, кои не можеле да веруваат дека кученцето со вакви нарушувања преживеало, решиле да ја споделат приказната и на официјалната Фејсбук страницата клиниката:
„Ова чудо се вика Скипер. Сметаме дека таа преживеа подолго од кое било друго куче со нејзината состојба. Можеби забележувате дека изгледа малку поразлично – има 6 нозе!
Таа има нарушување поради кое има една глава и еден граден кош, но 2 карлици, 2 мочни меури, 2 системи за репродукција, 2 опашки и 6 нозе. Најверојатно требало да има близначе, но не се одвоиле во матката.
За среќа, нејзините органи се во одлична состојба, може да врши нужда и е многу силна! Засега цица и се развива како што треба. Сите нејзини нозе се движат како и кај секое кученце. Веројатно ќе ѝ треба физикална терапија и помош при движењето кога ќе биде поголема.
Ние ќе продолжиме да истражуваме за нејзината состојба, ќе го набљудуваме нејзиниот развој и ќе дадеме сè од себе за да не чувствува болка и да се чувствува удобно целиот живот. Сега е дома и се чувствува одлично“, пишува во нивната објава.
Тина вели дека Скипер се однесува како и секое кученце – многу сака да јаде, но и да се гали.
„Знаеме дека ќе се соочи со многу предизвици, но таа се бори и добро се развива. Нашите ветеринари и нејзиното семејство не гледаат причина зошто да не ѝ дадеме шанса за одличен живот“, вели Тина за кученцето.
Подоцна од клиниката споделија уште една објава во врска со кученцето, во која кажуваат дека веќе почнале да добиваат донации кои ќе им помогнат да ги покријат трошоците за лекови, терапија и храна.
Спирова С. | Црнобело