Делфини и уште 4 животни кои се интелигентни речиси исто колку луѓето
Се верува дека делфините можат да се препознаат во огледало, а истото важи и за слоновите. Ова однесување покажува дека овие животни веројатно се свесни за себе, а со тоа поседуваат и висока интелигенција.
Ние луѓето имаме способност да учиме, размислуваме и решаваме проблеми. Свесни сме за присуството на другите луѓе, како и за нивните чувства и мисли.
Правиме алатки, креативни сме и мислиме апстрактно. Имаме јазик и можеме да го користиме за да изразиме сложени идеи. Сето ова се знаци на интелигенција.
Научниците не можат да се согласат која е најдобрата дефиниција за интелигенцијата, но генерално се согласуваат дека луѓето се многу интелигентни.
Другите членови на животинското кралство покажуваат знаци на интелигенција, а некои научници веруваат дека разликата во интелигенцијата на луѓето и животните е само во нејзиниот степен.
Кои се најинтелигентните животни и дали некои се попаметни од нас?
Шимпанзата се речиси како луѓето
Ако луѓето поседуваат интелигенција, шимпанзата, исто така, мора да ја имаат, затоа што сме генетски барем 98% идентични. Шимпанзата можат да направат и користат алатки, да ловат во организирани групи и да бидат насилни.
Теренските набљудувања и лабораториските експерименти покажуваат дека шимпанзата имаат капацитет за емпатија, алтруизам и свесност.
Делфините се креативни
Делфините во Австралија користат сунѓер за да ја заштитат муцката додека пливаат покрај морското дно. Ваквото однесување, со употреба на алатки, се пренесува од мајка на ќерка.
Научниците велат дека ова е знак за нивната интелигенција. Другите знаци вклучуваат разни свирежи и кликови што можат да послужат како нивни имиња.
Делфините се социјални суштества кои преземаат однесувања едни од други.
Покрај тоа, некои истражувања покажуваат дека можат да се препознаат во огледало.
Слоновите покажуваат самосвесност
Огромната големина на нивните мозоци сугерира дека слоновите мора да знаат нешто за светот околу нив.
Слоновите ги утешуваат членовите на семејството, им помагаат на другите видови кога им е потребна помош, си играат во вода и комуницираат.
Некои слонови се препознаваат и во огледало. Ваквото сложено однесување го имаат само луѓето, големите мајмуни и делфините.
Враните се лукави
Враните користат различни алатки како што се гранчиња, пердуви и други остатоци за да земат храна од тешко достапни места.
Птиците се родени да користат алатки, но го усовршуваат својот занает со гледање на поискусни птици, што е знак на голема интелигенција.
Мачките се флексибилни
Некои сопственици на мачки ги учат своите миленици да ги слушаат наредбите како што се „седи“ и „легни“, а можат да се превртат и да скокаат преку обрачи.
Мачките учат трикови со имитирање, а наградата е исто така важна. Но, обуката на мачките е потешка од обуката на кучињата. Дали тоа значи дека се помалку интелигентни? Не.
Експертите за мачки велат дека тие едноставно се различни. Тие се самотни животни кои се мотивирани од потребата да преживеат.
Ова им овозможи да се адаптираат на разни домашни средини.
Ашера | Црнобело