Шимпанзо, гавран – Кои се најинтелигентните животни на планетата?
Шимпанзата можеби не го разбираат човечкиот говор, но во минатото неколку единки биле научени да користат знаковен јазик и без проблем комуницирале со него.
Како луѓето, животните се суштества со чувства, но и интелигенција.
Сепак, кога станува збор за интелигенција, може да биде тешко да се прават споредби помеѓу луѓе и животни.
Кај луѓето се прават IQ тестови, но ни овие тестови не даваат целосна слика за менталните способности на една личност.
Бидејќи, постојат и разни видови интелигенција, како логика, емоционална интелигенција, па и музичка интелигенција.
Сепак, експертите пробуваат да направат некаква паралела за полесно да сфатиме колку се интелигентни животните, но и кои се најинтелигентните.
Наједноставниот начин да се утврди интелигенцијата на животните е преку нивно набљудување, односно како се снаоѓаат кога се соочени проблем, дали и колку брзо учат, дали разбираат емоции кај луѓето…
Со вакви и бројни други тестови, експертите имаат некаква претстава за интелигенцијата на животните.
А, во продолжение, погледнете кои се вбројуваат меѓу најинтелигентните:
Шимпанза
Шимпанзата се нашите најблиски роднини и важат за најинтелигентните животни на планетата.
Додека е дискутабилно дали имаат способност да го разберат човечкиот јазик, има неколку шимпанза кои научиле да комуницираат со луѓе преку знаковен јазик.
Покрај изгледот, овие животни се слични со нас и во други аспекти.
Тие знаат да соработуваат едни со други, делуваат како да имаат развиено свесност за себе, а во многу наврати покажувале и добрина и емпатија.
Исто така, шимпанзата некогаш користат и алатки, и тоа не само камења за отворање јатки.
На пример, шимпанзата сами прават стапови од гранки со чија помош кршат пчелни кошници за да извадат мед од нив или за да фаќаат инсекти.
Во некои студии, мал број шимпанза покажале и дека можат да запомнуваат броеви и бројни низи, некогаш и подобро од возрасни луѓе.
Делфини
Делфините се суштества што учат многу брзо и тие не покажуваат само логичка, туку и емоционална интелигенција.
Умешно комуницираат едни со други, а интересно е што нивниот начин на комуникација е мошне комплексен, речиси како цел јазик.
Делфините се и првите животни кои не се примати, а кои покажале дека имаат сфаќање за нумерички концепти, како „поголемо од“ или „помало од“.
Тие се социјални суштества кои се верува дека имаат свесност за себе, а структура и комплексноста на нивниот мозок е премногу слична со нашиот.