Приказната за Зубчо - од улично куче во Вардариште до живот во топол дом во Англија
Тој бил улично куче во Козле, тепано и малтретирано поради деформитетот на вилицата и „страшниот“ изглед, но сега благодарение на добри луѓе го живее животот што го заслужува.
Малите добри дела го прават животот вреден за живеење. Оние приказни со убав крај и преданост која некому му го сменила животот секогаш се инспиративни за нас.
Токму затоа проговоривме со Наталија Трпковска од здружението „Шепасти Ентузијасти“, која ни ја раскажа приказната за кучето Зубчо.
Зубчо по долги години тежок живот и трауми, сега е вдомено во Англија и ужива во љубовта и грижата која секој ден му ја даруваат неговите сопственици.
Наталија ни ја пренесува неговата животна приказна:
Како го запозна Зубчо?
Зубчо има околу 5 години - не знаеме точно. Со него првпат се запознавме со моето маало, во Козле.
Тој беше сосема нормално куче, но еден ден добив порака од сосетката дека нешто не е во ред со неговата вилица, пробавме да го фатиме за да го однесеме на ветеринар, но тој потполно ја имаше изгубено довербата во луѓето.
Зубчо поради својот деформитет беше тепан и бркан од улиците, бидејќи изгледаше страшно, но тој е најмирното куче што постои. Беше пријавен за агресивност во Вардариште и таму беше цели три седмици.
Таа сабота не бев во Вардариште и добив повик од девојките од Daisy family rescue дека Зубчо не се снаоѓа добро таму и дека го напаѓаат сите кучиња, па тоа беше пресудниот момент кога решив да го извадам оттаму и да го носам на ветеринар, па во пансион.
За среќа беше здрав, само увото му беше загноено од обетката.
Долго време се работеше на неговата доверба, не се доближуваше до нас, но на крај успеавме да му ја вратиме довербата во луѓето.
Како изгледаше процедурата за вадење документи и пронаоѓање на дом на Зубчо?
Процедурата за вадење документи е многу едноставна доколку кучето е здраво и има примено вакцина за беснило, потоа Агенцијата за храна и ветерина (АХВ) издава сертификат дека кучето може да патува.
Домот на Зубчо му го најдоа девојките од Кане Корзо и сум им бескрајно благодарна, да не беа тие уште долго ќе траеше процесот.
Зубчо пристигна во Англија на 21-ви април годинава и беше во својот привремен дом само 2 дена, а потоа веднаш беше вдомен кај едни прекрасни луѓе.
Зубчо ужива во својот дом, тоа може и да го заклучиме од фотографиите.
Обожава да седи пред телевизор, а освои дури и 2 место на локален натпревар во Англија за Best rescue class.