Последен поздрав од едно кутре во Обреновец: Кога заминавте ме уби тишината, но и понатаму ве сакам!

Многу мачиња и кучиња исчезнаа во поплавите кои деновиве го зафатија Балканот и единствено што можеме е да се надеваме дека некои од нив успеале да се спасат на сигурно.

posleden-pozdrav-od-edno-kutre-vo-obrenovec-koga-zaminavte-me-ubi-tishinata-no-i-ponatamu-ve-sakam-01

Во меѓувреме на социјалните мрежи се шири текст кој длабоко го допира секој што ќе го прочита.

Последен поздрав од едно мало кутре.

„Колку среќно куче сум јас! Имам прекрасна куќа со убав двор. Имам газди кои ме обожаваат исто како и јас нив. Сè би дал за нив. Животот би го дал, само нив да им е добро.

Тоа се прекрасни луѓе, мама Славка, тато Ѓуро и нивната ќерка, а мене најомилена мала газдарица, Ана. Таа е прекрасно девојче, мама вели дека вчера наполнила 3 години. Баш бавно расте. Ние кучињата повеќе пораснуваме за 3 години.

Мене ме викаат Чупко. Велат дека сум мешанче од ретривер и имам 3 години, ама сум многу поголем од Ана. Мама Славка и тато Ѓуро ме пронашле кога сум бил многу мал во некој контејнер. Не знам што е тоа, но според приказната би рекол дека е некое грозно место, бидејќи велат дека сум бил најден  целиот валкан, смрдлив и чупав. Оттаму ми е името Чупко.

Кога дојдов во нивната преубава куќа со прекрасен двор и градина, тие веќе ја имаа Ана, ама беше многу мала и целата замотана во некои бели крпи. Баш ја засакав. Израснавме заедно, до душа таа малку заостанува, но не е важно, ја обожавам.

Нашата куќа исто така ја обожавам. Убава е, пространа и секогаш има храна и имам топло креветче во дневната соба.

Чекајте, морам ова да го слушнам! Извинете што ја прекинувам приказната. Мама и тато слушаат нешто важно од оној голем апарат од кој зборуваат луѓе.

Исплашени се! Што се случува?

Дотрчав до нив, мавтам со опашот за да ги развеселам, но само благо ме оттурнаа и ми рекоа: „Не сега, Чупко!“

Можеби се лути дека дождот паѓа веќе 2 дена, па кога ќе излезам надвор, на враќање внесувам и по малку кал дома?

Не, не е тоа. Гледаат низ прозорецот, излегуваат и влегуваат во куќата, преплашени се! Што се случува? Сакам и јас да помогнам!

Почнуваат да бараат некои работи низ куќата, се облекуваат, ја облекуваат и Ана. Еве, ме повикуваат да одам со нив на катот погоре, можеби сепак ќе можам да им помогнам. Се качуваме, нешто се слуша позади мене...се вртам...од каде вода во куќата?!

Сега сме на горниот кат, мама телефонира, Ана почнува да плаче. Изгледа ова нешто е навистина сериозно! Мислам дека онаа вода која влегува во куќата е проблем.

Мама стои на терасата и чека нешто. Тато ја држи Ана и ја смирува, вели дека сè ќе биде во ред. Еве, нè вика мама и ние да излеземе на терасата. Истрчувам со нив. Некој чамец стои покрај прозорецот и има некои луѓе во него.

О, Боже, колку вода! Па зар ние не сме на горниот кат?

Ги слушам луѓето од чамецот: „Мора сите да го напуштат Обреновец, но тој не може, таква е наредбата!“

Ова морам да го слушнам. Сега мама вика: „Ве молам, ве преколнувам, земете го и него. Ве молам!“, почнува да плаче.

Ана вриска, додека тато се труди да ја смири ситуацијата. Им зборува на луѓето: „Добро, ако не можете него да го земете, не може ни нас, нема да одиме ниту ние. Земете го само детето“.

„Што? Притрчувам до тато, го допирам со шепата, тој се крие...му ги гледам солзите во очите.

Сфатив сè! Го задржав погледот на тато и со очите му зборував: „Одете вие, ве молам, одете, потребни сте ѝ на Ана, ве молам, јас сакам да одите! Не се грижете за мене. Ќе останам, ќе пливам, ќе пробам да се спасам! Ги поттурнував да одат кон чамецот. Сфатија. Солзи им течеа.

„Знам сè, знам дека и вие ме сакате. Ве сакам и јас вас и затоа сакам да одите, не се грижете за мене. Јас ќе бидам среќен со тоа што ќе знам дека вие сте добри“.

Влегоа сите во чамецот, а јас останав сам на терасата. Звукот на моторот од чамецот се оддалечи. Ух, баш е тивко!

Си го слушам само своето дишење. Ух, шепите ми се веќе во вода. Ќе почекам уште малку, што да правам?

Одам да се најадам, ми оставија храна во собата. Да ја изедам додека и таму не дошла водата. Јадам, ама нешто не ми чини.

Уф, еве вода и во собата, веќе до стомакот ми е.

Не вреди, уште малку ќе почекам, но мора да се подготвам да пливам некаде, секако ќе излезам низ терасата која е отворена.

Почнувам да пловам. Отидов! Уф, пливам и пливам веќе којзнае колку, но никаде не гледам дека можам да застанам на суво. Секаде гледам само вода. Колку е тивко насекаде. Чекај, чекај, слушам некое лаење, некоја бара помош.

Еве ги гледам. Па, тоа се моите другари од соседството, Лаза, Пепи, Луња и Дороти.

О, Боже, па тие се затворени во боксови. Дороти е покрај куќата, но врзана е со ланец. Јас не можам да ги пуштам, не можам ни да им помогнам, па не можат и тие да помогнат, ќе се удават!

Сигурно газдите им се поплавени пред да успеат да ги пуштат од боксовите. Не вреди, морам да продолжам да пливам, а веќе се гледаат само покривите на куќите.

Повторно, таа страшна тишина. Ни мувите не се слушаат. Ладно ми е. Шепите како да ми се вкочанија, мислам дека нема да успеам.

Важно е дека мама, тато и Ана се на сигурно...уф, тоа е најважно, сега ми е сеедно, спокоен сум.

Боже, каква тишина. Се стемни, ништо не гледам. Веќе не се ни движам. Не можам.

Ана, Славко, Ѓуро, толку сум среќен што сте добро. Бевте прекрасни, ви благодарам за сè. Се надевам дека успеав да ви се оддолжам за вашата добрина кон мене кога сте ме спасиле... Сега јас имам шанса да ви возвратам. Ве сака вашиот Чупко!

Сепак, мислам дека само тишината ме уби! Јас и понатаму ве сакам!

Извор

Би можело да ве интересира:

Македонка вдоми еж на ранчот во с. Ранковце: „На Велигден се родија 6 ежиња“ „Во куќата имам маче кое го вдомив пред околу 2 недели откако го најдов напуштен...
Фотографии кои покажуваат дека животните ја чувствуваат нашата љубов Колку што ние си ги сакаме мачките и кучињата што ги чуваме дома, толку и тие нè...
Кои раси на кучиња најчесто добиваат топлотен удар, според ветеринар? Расите со сплескана муцка како мопс потешко се разладуваат, па поради ова се пос...
Предмети за мачки и кучиња на кои повеќето штедат, но не треба Гребалка за мачка и преносен сад за вода за топлите летни денови – кои предмети ...
Елена од Гевгелија 1 година се грижи за штрк: „Не сака да си оди во дивината“ Свесна дека штрковите живеат во парови, хуманата гевгеличанка Елена е подготвена...
Како да познаете дали вашето куче има болви (и како да се ослободите од нив)? Најбрзо решение се средствата против болви, но ако не станува збор за сериозен п...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg