Што да правите ако кучето ви уништува сè низ домот?
Купете му играчки што може да ги гризе и смирено одвлечете му го вниманието кога ќе почне да уништува нешто во домот.
Ако имате време и сметате дека сте подготвени за обврската, кучето може да биде одличен миленик.
Но, не така ретко, новите сопственици се соочуваат со ист проблем откако ќе вдомат мало куче – уништување низ домот.
Некогаш малите кучиња имаат навика да гризат сè и сешто низ домот и способни се да направат вистински хаос, но и материјална штета.
А, ова е однесување што никако не смеете да го игнорирате бидејќи во спротивно само ќе се влошува.
Најчестите причини за ова однесување
Важно е да знаете дека гризењето е природно однесување на кучињата – и големите и малите.
Но, уште поважно е кучето да знае што може, а што не смее да уништи со гризење.
Обично малите кучиња уништуваат низ домот бидејќи сè уште не го научиле ова.
Но, некогаш деструктивното однесување може да биде резултат на здодевност, анксиозност, потреба за внимание…
Исто така, кучето ќе се однесува подеструктивно и доколку му растат заби. Па, со цел да ја намали болката, тоа ќе гризе сè што ќе се најде пред него.
Како да го решите проблемот?
Купете му играчки за гризење
Веќе спомнавме дека желбата за гризење е најнормална кај кучињата.
Па, за да го одвратите од намерата да ви ги уништи чевлите или гарнитурата во дневната, купете му играчка за гризење.
Во продавниците за миленици има безброј опции, а доколку на кучето му растат заби, побарајте играчка за таа намена.
Купете му повеќе играчки
Ако кучето има само една играчка, може да му здодее, па повторно да се сврти кон уништување на домот.
Затоа потрудете се да има барем 2-3 играчки кои ќе може да ги гризе.
Кога кучето ќе ги гризе играчките, можете да го наградите за да сфати дека прави нешто добро.
Редовно шетајте го
Неретко причината за деструктивното однесување е здодевноста.
Лесно можете да го решите овој проблем ако почесто го изнесувате кучето надвор.
Физичката активност е особено важна и за кучињата.