Елена од Гевгелија 1 година се грижи за штрк: „Го пуштив да си оди, но не сака“
„Беше гладен, дехидриран и целиот беше со рани затоа што родителите го клукале. Веднаш го зедов со мене и почнав прво со храна и вода, и потоа со лекување“ – раскажува за CRNOBELO.com гевгеличанката Елена, која во изминатата година му даде топол дом на штркот Мишко, кој од родителите бил оставен на милост и немилост.
На сите ни е познато дека животинскиот свет некогаш може да биде премногу суров, па постојат голем број животни кои ги отфрлаат своите малечки, а таква е приказната и за штркот Мишко, кој изминатата зима ја помина во Гевгелија, во домот на една жена која дала сè од себе за да му помогне и да го заштити.
Елена Бајрактарова Алексовска (64) од Гевгелија е медицинска сестра во пензија, која покрај тоа што се грижи за 4 мачки и 3 кучиња, во својот дом нашла место и за мал штрк кој од родителите бил оставен повреден, на милост и немилост на околината.
Во изјава за CRNOBELO.com, Елена ја раскажува приказната за тоа како штркот Мишко минатата зима останал во нашата земја, додека другите птици преселници се упатиле кон потоплите краишта, а останал жив благодарение на грижата и љубовта што оваа несебична жена му ги подарила.
„Се враќав од градот со велосипед и во тревата видов нешто мало, бело, како се мачи и тогаш првпат во моите 64 години фатив мало штркче во раце… Беше гладен, дехидриран и целиот беше со рани затоа што родителите го клукале.
Веднаш го зедов со мене и почнав прво да му давам храна и вода, и потоа почнав и со лекување. Раните за неколку дена се санираа, но едното око не можев да му го спасам…
За кратко почна да закрепнува и да се дружи со останатите животни во мојот дом, 4 мачки и 3 кучиња“ – раскажува Елена.
Елена вели дека не знае дали штркот е мажјак или женка, но му го дала името Мишко, во чест на нејзиниот покоен брат Миле, кого многумина на шега го викале Миша.
Таа го нашла Мишко во мај минатата година, што значи дека наскоро ќе наполни една година.
Елена не крие дека е воодушевена од карактерот на нејзиното необично милениче. Таа вели дека дури и се обидела да му даде шанса да си замине, но тој не сакал и избрал да остане со неа, во нејзиниот дом.
„Многу е мил, убав, кроток, питом, не се оддалечува од живеалиштето, во природата јаде риба, жаби, глувци, змии. Јас не можам тоа да му го обезбедам, но затоа има алтернатива, му купувам месо и риба.
Јаде 2-3 пати дневно и тоа до пред 2 месеци ми беше големо финансиско оптоварување, но за штркот веќе неколку месеци ми даваат остатоци од месни суровини од една месара во Стојаково, на кои сум им многу благодарна“ – вели Елена.
Во текот на изминатата зима Мишко по цел ден бил надвор, шетал и скокал во дворот на Елена, но ноќе се прибирал дома на топло, каде бил заштитен од студ.
„Мишко го сакам бескрајно, а и тој мене“ – вели Елена, и нагласува дека опасноста од зимата не е ништо во споредба со опасноста што за него може да се јави како последица на враќањето на птиците преселници, кои наскоро треба да дојдат во нашите краишта.
„Штрковите доаѓаат во парови, а тој е сам и многу лесно може да го нападнат. Уште поголем проблем е тоа што тој е со едно око, а од она што го прочитав како информација за штрковите, знам дека тие не примаат инвалид ниту во една група“ – вели Елена.