Дритон од Скопје чува шкотска мачка: „Оби е многу кроток, но не сака луѓето да го задеваат“
„Оби е шкотска раса и има 6 години. Го донесов од Софија, Република Бугарија и оттаму ми дадоа пасош кога го зедов“ – вели во изјава за CRNOBELO.com, Дритoн Муслиу од Чаир, кој е горд сопственик на Оби, шкотска мачка каква што има и Тејлор Свифт. Како изгледа грижата за ваквите мачки и на што најмногу треба да се внимава?
Оби е шкотски мачор со свиткани увциња, сиво крзно и прекрасни жолти очи, а не живее во Шкотска, туку во Чаир во Скопје.
На Инстаграм неговите профили ги следат над 3.000 следбеници, кои постојано имаат можност да видат нови фотографии, коишто неговиот сопственик Дритон Муслиу редовно ги објавува.
Со Дритон поразговаравме накратко за тоа како Оби стигнал во неговиот дом во Скопје, за тоа како изгледа грижата за овој миленик и што треба да знаете ако некогаш се одлучите да чувате Шкотска мачка.
Шкотските мачки (Scottish fold) се посебни раси кои се карактеризираат со тоа што имаат свиткани ушиња нанапред, благодарение на одредена генетска мутација, а важат за мошне кротки миленичиња, па затоа се познати и кај популарните ѕвезди.
Пејачката Тејлор Свифт има мачка од оваа раса, која се вика Оливија Бенсон.
Дритон Муслиу (43) од Скопје, работи како X-ray оператор на скопскиот аеродром, и е горд сопственик на првата шкотска мачка што била донесена во земјава.
„Оби е шкотска раса и има 6 години. Го донесов од Софија, Република Бугарија и оттаму ми дадоа пасош кога го зедов“ – појаснува Дритон.
Тој исто така нагласува дека станува збор за многу мирна раса на мачки, а Оби е мошне приврзан за сопственикот. На прашањето како реагираат гостите кога ќе го видат неговиот миленик, Дритон појаснува:
„Гостите кога ќе го видат се воодушевени, па дури никој не верува дека постои ваква раса.
Кога имам гости, Оби влегува во салон и си седи настрана, сака да биде покрај луѓе, ама не сака да го задеваат“.
Инаку, Оби јаде само гранули, а грижата за неговата хигиена е минимална.
„Оби не треба да се носи на фризер, сам го чешлам, еднаш на 6 месеци го бањам, а на ветеринар одиме само кога има потреба“ – вели Дритон.
Тој појаснува дека кога чувате ваква мачка најмногу треба да внимавате при чистењето на ушите, особено затоа што станува збор за раса на мачка за која се знае дека е склона на инфекции.
Оби најмногу сака да си игра со топчиња и гребалки, а Дритон гордо вели:
„Не би сакал да чувам никаков друг миленик, сè додека ми е Оби жив“.