Зошто е добро да чувате зајак и како да се грижите за него?
Многумина, откако ќе одлучат да земат домашно милениче, вообичаено си го поставуваат прашањето: Дали да избереме куче или маче? Но, зошто да не чувате зајак? Ова е миленик кој сака да си игра (како куче), но сака и да се гали (како мачка).
Зајачињата се едни од најдобрите крзнени пријатели, а во зависност од тоа каков е вашиот животен стил, тоа може да биде совршеното милениче за вас.
Кога станува збор за чувањето на ова милениче, нивото на посветеност е многу помало отколку кај другите миленичиња.
Тие може да бидат друштвени како куче, но не мора да ги водите надвор на прошетка. Може да се милуваат како мачка, но се помирни.
Зошто да се одлучите да чувате зајак?
Зајаците се тивки животни
Спротивно на кучињата и мачките, зајаците се многу тивки животни. Тие испуштаат повремен звук, но генерално не се гласни, а ова ги прави совршени за во мали домови.
Уште една предност е тоа што тие не бараат премногу простор. Секако, треба да имате обезбедено и простор каде ќе може да потрчаат и да си играат.
Зајаците создаваат цврсти врски со нивните сопственици
Зајаците се многу интелигентни суштества. Секој повеќегодишен сопственик на зајак ќе ви каже дека нивното милениче има силна врска со нив, како мачињата или кучињата.
Доколку ги тренирате и поминувате повеќе време со нив, ќе сфатите дека може да ви бидат и многу верни, а повеќето од нив сакаат и да се галат и да се гушкаат.
Зајаците живеат долго
Со оглед на нивната големина, зајаците живеат долго. Просечно, тие живеат од седум до десет години, а некои доживуваат и подлабока старост.
Кога се одлучувате за милениче, добро е да знаете дека ќе имате некој со кој подолго време ќе може да поминете заедно, зар не?
Генерално, зајаците се чисти животни
Доколку се решите да поминете повеќе време со вашето милениче зајак и да го истренирате добро, ќе видите колку тоа знае да биде чисто.
Дајте си време и ако успеете да го поминете почетниот неуреден период, ќе сфатите дека овие суштества се многу чисти.
Што треба да знаете за овие животни?
Доколку веќе поседувате или се решите да одберете милениче зајак, добро е да се запознаете со тоа какво однесување има и што би очекувале.
Па, несомнено е дека зајачињата се разиграни животни и бараат стимулација или од други зајаци, или од луѓето во нивната околина.
Тие се најактивни рано наутро, доцна попладне и навечер, па ова е совршеното време да комуницирате со нив.
Исто така, треба да знаете дека мирисот е важно средство за комуникација кај зајаците, а природно се кријат од работи кои ги плашат и затоа имајте го предвид ова кога ќе ја креирате околината за ова милениче.
Притоа, треба да му обезбедите место каде што би можело да се скрие и да се чувствува безбедно.