Зошто никогаш нема да си заминам од Македонија?

Зошто никогаш нема да заминам оттука? Затоа што во мене постои надеж дека македонскиот народ ќе биде среќен народ, кој ќе сака да живее во својата држава. Некогаш, повторно со кренати глави, најуспешните доктори, инженери и економисти ќе бидат свои на своето.

zoshto-nikogash-nema-da-zaminam-od-makedonija-01.jpg

Македонија е една старовековна приказна, почната да се пишува од времето на Античките Македонци, а сè уште незавршена.

Затоа што таа не е само држава, таа е љубовна приказна проткаена низ рацете на Александар и Филип, идејата за слобода на Гоце и Даме, низ стиховите на Миладинов и Рацин, љубовта на гемиџијата Орце кон Кате, на великанот Петре кон Дениција.

Има ли поубаво за еден човек да расне милуван од стиховите на Тоше, начитан од зборовите на Ристо Крле и Коле Неделковски?

Постои ли поубав поглед од оној кога Галичица се огледува во водите на најстарото езеро на Балканот – Охридското? Снеговите на Шар Планина, Широк сокак во Битола, Охридското кале и штипската патрмајлија?

Не постои, навистина.

Но, вистини на светот има многу, а онаа за нашата татковина е една. Се распослала во центарот на Балканот, чиниш бисер среде школка е.

Непречено ечат звуците на Тешкото, тутуноберачите се жалат за тешките денови работни од утро до мрак, додека од моето срце Везилка пара два конци.

Мисирков пак ги создал темелите, за Блаже да ја создаде нашата куќа, куќата на мајчиниот јазик. Оти јас болката знам само на македонски да ја чувствувам, најубаво знам на македонски да се искажам.

Татковина! Тој цел збор е збран овде и никаде на друго место. Моите зборови, довикот по прегратката на мојата мајка, првиот буквар од кој научив да читам и пишувам, сè што сум и ќе бидам, сè што имам е тука.

Задоена од желбата за подобро утре, низ моите вени тече таква крв, родољубива.

Зошто никогаш нема да заминам оттука?

Затоа што во екот на слободата, со звукот на камбаните во мене постои надеж дека македонскиот ќе биде среќен народ, кој ќе сака да живее во својата држава. Некогаш, повторно со кренати глави, најуспешните доктори, инженери и економисти ќе бидат свои на своето.

Затоа што мојот талент, знаење и вештини јас ќе ги употребам за овдешните стандарди да ги кренеме на повисоко ниво.

За моите родители да бидат горди, блиску до мене. Единствено што треба тука е да ја пронајдеме правдата.

Политиката да не ја доживуваме онака како што гледаме дека се спроведува, училиштата и оценките да не бидат режим на поткуп, квантитетот да биде заменет со квалитет.

Бидејќи на Македонија ѝ треба пролет. Луѓе кои сакаат да направат нешто за неа. Луѓе кои ќе го негуваат македонскиот Ерусалим, ќе го разгоруваат патриотскиот дух и кои нема да се откажат од неа.

За нас таа толку многу создала, време е нешто ние да сториме за неа.

Автор: А. М. / фото: depositphotos.com

Доколку и вие сакате да ни раскажете некој сегмент од вашето секојдневие, да споделите животен предизвик или радост, пишете ни тука!

Би можело да ве интересира:

„Језиво“ е колку стана „нормално“ сите во Скопје да се изневеруваат Не знам дали на редовна база движите доволно низ градов, но ако малку повеќе сте...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg