Зошто ќе останам во татковината и покрај очекувањата на другите да заминам?

Земја пречесто нарекувана нестабилна.. Поистоветена со расположението на еден просечен средношколец. 

zoshto-kje-ostanam-vo-tatkovinata-i-pokraj-ochekuvanjata-na-drugite-da-zaminam-01.jpg

Наречена со секое лошо име од книгата. Гледана како стан под кирија додека да се најде палата со поглед на сјајна иднина во туѓина.

Во време кога на луѓето им фали витамин „патриотизам“ ќе ви дадам доза суплемент.

Во блиското предградие на Скопје израснав во населбата Илинден. Со родители религиозни колку да се каже, со поприлично отворени умови.

Под прашање за патриотизам, татко ми од рана младост си го посветил животот за служење на државата во војска, а подоцна во полицијата.

Мајка ми е воздржана, ниту презаљубена ниту да ја мрази татковината. Со можност да бидам политички информирана и патриотски учена и воспитана, тоа не беше случајот.

Тие теми не беа присутни во семејството, само тивко почитувани.

Во основното училиште во коешто завршив, исто така во Илинден, не бевме учени на патриотизам, само ги гледавме политичките наклонетости на поедници.

Од историја учевме факти, учевме хронолошки и немаше непотребни коментари за антиката и денешницата на нашата грутка земја.

„Нормално“ некои наставнички знаеја да дадат по некој коментар од личен став, но тоа беше тоа.

Бев добро запознаена со сите моментални настани, со минатото и планираната иднина на мојата земја, но сепак немав оформено никакво мислење ниту за неа, ниту пак за луѓето.

Сепак, приоритет во осмо и деветто одделние ми беше метал музиката.. Но, при преминот од основно во средно училиште ми се случија промени на лично ниво и на луѓето околу мене.

Блиските почнаа да се отселуваат, веќе отселените доаѓаа на посета и имав шанса да ги слушам класичните разговори за платите таму, начниот на живеење, учењето...

Нешто се разбуди во мене кога останав со отворена уста на прашањето: „Па каде ќе одиш кога ќе завршиш средно? Сега прва ќе бидеш, така? Имаш време...“ 

Тогаш за првпат се прашав самата: дали од мене се очекува да заминам?

Неповрзно со тоа, истото лето мојот вкус во музиката се промени од корен.

Стариот метал го заменив со стара југословенска музика. Сите рок бендови од различни периоди, но со слична цел.

Приметив со каква страст пеат за родните земји, за убавината, за добрите луѓе и за духот на Југославија.

На оваа музика се надоврзаа и понови бендови од Балканот што денес творат.

Моето прашање за заминување пак ми прошета низ глава кога ја видов разликата во текстовите на тие нови песни.

Веќе не се пееше за љубовта, туку за што сè би направиле луѓето за да се спасат од тука, за војни, за политика и грижи.

Тоа ме погоди. Мислев многу и мислев цело време, имав одговри но немав здрав разум за да знам што сакам.

Полека-полека сѐ што беше типично за Македонија и Македонците го забележував со други очи. Ја засакував татковината.

Се сетив како мојот чичко плати со крв за да ја заштити земјава на која денес јас безбедно чекорам. Тоа ме стресе.

Одеднаш знаев дека го сакам местово со цело срце. Навлегував во политиката, следев сѐ што се случува и имав цврст став.

Можев да дискутирам со повозрасните за ова. Ми беше интересно. Во училиште случајно најдов истомисленици што ми дадоа уште повеќе верба и надеж.

Сфатив дека мојата генерација е многу подобра од тоа што е претставена.

Децата се свесни за нивните должности кон општеството, дејствуваат за промена и ги преземаат работите во свои раце.

Кога дознав дека не сум единствена во ова, повеќе од било кога бев сигурна дека јас нема да заминам за да барам поубав живот, туку дека ќе го градам тука, во мојот дом.

Дека ќе дадам сѐ од себе да се изградам во личност што ќе служи на својата земја.

Дадов збор дека ќе се трудам да ја направам подобра, ќе ја сакам и чувам, ќе придонесувам во нејзините добра, ќе го користам гласот за да го прошрам зборов.

Сите да се чуваме за после да не ни биде доцна и „Колку сме, толку сме, токму сме“ – Гане Тодоровски.

Автор: Сашка Костовска / фото: depositphotos.com

Доколку сакате да ни раскажете некој сегмент од вашето секојдневие, да споделите животен предизвик или радост, пишете ни тука!

Би можело да ве интересира:

„Језиво“ е колку стана „нормално“ сите во Скопје да се изневеруваат Не знам дали на редовна база движите доволно низ градов, но ако малку повеќе сте...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg