Ракот не е парада со розова панделка, ракот е сè само не розов
Секој октомври истата приказна и среќна сум што заврши. Секоја година преку добро смислени маркетиншки трикови и стратегии, најразлични брендови, поединци и разноразни организации сакаат баш во октомври да ни ја зголемат свеста за ракот на дојка.
Секој тип на рак (а и некои други заболувања) си има своја панделка во различна боја, а ете баш ракот на дојка решиле да го поврзат со розовата. Па, гледаме како познати и непознати лица се закитуваат со некој розов детаљ, упатени или не искажуваат мислења во однос на важноста на превенцијата и тежината на болеста, организираат собири, пеат и се веселат.
И ќе помине октомври, ќе заврши времето на розовата боја, на некоја друга ќе ѝ дојде редот. Повеќето нема ни да се сеќаваат дека некогаш бил.
Сѐ до наредната година кога некоја поголема компанија ќе нуди на пазарот некој продукт (секако розов) во име на жените (и мажите) кои се борат со болеста.
Само сите тие некако забораваат дека има луѓе кои не живеат со оваа болест само во октомври, туку дванаесет месеци во годината и од дијагнозата натаму секој нареден месец од нивниот, често неизвесен, живот. А ракот е сѐ само не розов.
Нема ништо розово во сите тие испитувања и исчекување на резултатот, нема ништо розово во бесконечните боцкања и труења на организмот со хемотерапија или пак во операцијата која ќе ви го осакати телото. Не се розови ни непроспиените ноќи, ни гадењето, ни трнењето на прстите од нозете и рацете, ни ќелавата глава.
Напротив, ракот е мачен и тегобен. Ви зема сѐ. И телото и изгледот, а и мислите и желбите.
Со розовите панделки се праќа погрешна слика за реалноста со која се соочуваат милиони луѓе низ светот. Со тоа ретко која жена би се мотивирала на самопреглед. А зошто би, кога сè е така розово и позитивно.
Јас, како засегната, се оградувам од сето она што го поврзува ракот на дојка со розово. Одбивам да имам било што со тие настани, кампањи, трки и розови паради. Зошто во нив гледам само бесчувствителност и банализирање на една особено тешка ситуација.
Автор: М.
Доколку сакате да ни раскажете некој сегмент од вашето секојдневие, да споделите животен предизвик или радост, пишете ни тука!