Зошто во Македонија плукаме по снимањето на влогови, а во ред ни се турските серии?
Денес постојано се појавуваат нови трендови, од најбизарни до интересни и забавни. Почнувајќи од „Ice bucket challenge“, бизарни маникири, манијата на big booty и што потенка половина, до играњето до автомобил во движење на познатата „Kiki do you love me“ на Дрејк (знам дека не се вика така, ама ретко кој ја препознава како „In my feelings“).
Еден од трендовите денес, кој првично ми изгледаше како непотребно лигавење и изнесување на приватниот живот во виртуелниот свет, по неколкумесечно следење и истражување, ме натера да го сменам мислењето, па дури и да посакам да сум дел од тој навидум безвезен тренд. Станува збор за снимање на влогови, односно создавање на еден виртуелен дневник за сопствените ставови, случувања и секојдневие.
Постојат влогови од стилот на Zorannah, Sabrina Tubic, Ena Luna (набројувам само девојки од Балканот за да ви доловам подобро), и тие се интересни, забавни, но промовираат козметички производи, облека и модни додатоци кои реално ретко која девојка може да си ги дозволи. Додека се снимаат изгледаат одлично, средени како милион долари, и неретко посакуваме да имаме и ние совршен и среден живот како нив и да изгледаме како барбики.
Искрено, немам ништо против нивниот начин на презентирање на самите себе. Но, јас имам поинаква замисла. Би сакала да направам влог кој ќе биде природен, без задолжителниот розов свет околу мене, на теми кои можат да помогнат во зависност од тоа што моментално ве интересира и сето тоа би било зачинето со хумор (нешто што кај мене е застапено 20 од 24 часа во последно време).
Сакам да покажам како „снимам спотови” додека се возам, како ги пренесувам настапите во живо на Бијонсе во мојата дневна соба пред мојата верна публика составена од мојот животен сопатник, како ги пеам придружните вокали на Влатко Лозаноски додека тој пее на YouTube пуштен до даска. Сакам да зборувам за проблемите со кои се соочувам секојдневно, за убавите работи кои ми се случиле, за моите подеми и падови, за двоумењата и решителноста, за почетокот и крајот на нештата. Сакам да создадам нешто каде секој ќе може да праша за мислење на некоја тема, ќе се забавува со моите глупирања и ќе избере да ме гледа мене наместо некоја турска серија. Сакам да бидам некој вид на виртуелен пријател со кој е премногу лесно да се спријателиш.
Главен проблем околу снимањето влогови кај нас е потсмевот и хејтот кој задолжително постои. Забележав дека погоре наведените девојки решиле да снимаат влогови дури откако се преселиле од нивните родни земји (сите живеат во странство).
Нашиот менталитет некако не ограничува во прифаќањето на работи кои доколку така ги направиме може да бидат од забавен карактер со одредена поука. Напротив, ние автоматски се потсмеваме, па дури и го прошируваме тоа во виртуелниот свет иако ние не сме направиле апсолутно НИШТО што ни се допаѓа, но упорно гледаме да ги уништиме трудот и желбата на другиот.
Иако во светот снимање влогови од секаков вид е најнормална работа, кај нас побрзо се прифаќа трендот на „Ice bucket challenge”, отколку креирање на влог кој ќе биде од помош на многумина.
Не велам не, има и влогови со содржина која не тера да бидеме незадоволни со себе и да се стремиме да имаме или да бидеме нешто нереално. Но, ако би создале нешто поинакво би биле чекор напред кон уривање на стеротипите кои владеат во нашето опкружување.
И на крајот на краиштата, млада девојка во пубертетски години, подобро е да го отвори каналот на својот виртуелен пријател кој раскажува за своите грешки и одлуки, и каква поука извлекол од тоа и зошто не требало да постапи така како што постапил, отколку да се поистоветува со ликови од турски серии кои имаат „тажна судбина” како неа.
Автор: Водолија
Доколку сакате да ни раскажете некој сегмент од вашето секојдневие, да споделите животен предизвик или радост, пишете ни тука!