Ако сите прават така, така ќе правиш и ти - Зошто животот се живее толку шаблонски?!
Навистина животните патишта се чудни. Не било тоа само изрека која ја користеле постарите за да ни кажат дека од секое лошо има полошо, дека после дождот изгрева сонце, дека она што денес ти е болка утре ќе бидеш благодарна за него, како и дека сè што денес е големо, некогаш ќе биде многу мало.
Напротив, тоа се лекции од една реченица кои ги учиш на своја кожа, со печат на душата како признание за успешно совладан материјал.
Јас сум од тие луѓе кои многу мечтаат, сонуваат за подобро место, за подобар живот, за идеални услови во кои секој го има своето место под сонцето и настојува да истражува, да осознава.
Но за жал, во нашата земја има „убијци“ на ваквите човечки карактеристики, кои те насочуваат во насоката во која одат сите останати по правила кои сите ги следат и секое отстапување од истите доведува до осуда од страната на другите.
Како млада девојка, заробена во системот „што ќе речат другите“, несвесна за многу работи, јас почнав да го одам патот кој го одеа сите и некое време бев помирена со фактот дека така треба да биде и така прават сите.
Па, завршив факултет со сите нивоа и титули во мојата област, со висок просек, пофалби доаѓаа од сите страни со зборови дека ваков капацитет далеку ќе дотурка.
И секако, се соочив со проблемот на невработеност со кој се соочуваат сите, но нели треба во животот да се оди полека, што е мое ќе си дојде. И го чекав моето да дојде, и најверојатно дојде, бидејќи најдов работа која е делумно по мојата струка и професија, просечно платена.
Но, јас чувствувам дека можам уште и секојдневно се трудам да успеам да направам нешто повеќе, но за жал има една невидлива граница до каде може да ги распространете своите амбиции.
На таа граница секојдневно ве потсетуваат вашите надредени, чисто да си знаете дека имате среќа и работа и да не летате во облаци.
Се чувствувам како птица затворена во кафез, на која постојано и ги кратат крилјата. Сакам да покажам дека можам повеќе, со напорна работа да докажам дека вредам како работник и како личност која може да понуди многу.
Но можности има малку и тоа за посебна група на луѓе. И тоа убива. Сепак, не чувствувам дека крилјата ми се скратени само во однос на работата.
Зошто животот околу нас се живее толку шаблонски?!
Зошто морам да завршам факултет, да најдам работа, да се омажам, да родам деца (бидејќи без тоа мојот живот нема смисла нели), да работам и да бидам вредна мајка, жена и домаќинка, во секој стадиум од животот да се облекувам според дрес код кој одговара на моите години, а истото се однесува и на фризурата која ќе ја носам, да одам на одмор на некоја плажа каде ќе се сончам цел ден и ќе одам во сместувањето да јадам јадење донесено од дома за да заштедам.
Не можам… ме гуши целиот воспоставен систем, ме гуши постојаната нервоза и злоба во луѓето, сообраќајната некултура, немањето желба да се помогне некому, дружењето од корист, неколегијалноста, надменоста на македонските газди кои тонат во долгови (со чест на исклучоци), ставањето на кантар на работите што сме ги направиле и дали сме ги направиле ние први или не.
Зошто владее ова сивило околу нас? Се жалиме, а исти сме како времето. Променливи, ни сами не знаеме што сакаме.
Зошто не ги оставиме сите да прават што сакаат, како сакаат и кога сакаат, без да им судиме?
Ако некој сака да ја офарба косата на 30 години, не го третирајте како „стар лудак“. Ако некој сака да се облекува во „street style“ и кога оди во ресторани, не го гледајте со потценување.
Ако некој не сака да озборува постојано и да ги суди постапките на роднините и пријателите само да биде дел од толпата, не го отфрлувајте како аутсајдер.
Ако некој има близок и спокоен однос исполнет со љубов и почитување и по 10 и повеќе години брак, не коментирајте дека нема шанси да се верни еден на друг и на ништо не личат.
Не коментирајте само колку да бидете како останатите. Ако повеќе сакате, одете на планина наместо на море, облекувајте патики наместо штикли, играјте на прослави кога сите седат како здрвени, пејте иако немате најмилозвучен глас, смејте се, сакајте се и по 50 години брак.
Ајде да ги урнеме тие стереотипи како треба да живееме. И да, од секое лошо има полошо, но што ако има и подобро и попросперитетно? Зошто тоа сивило не го обоиме и го најдеме тоа добро во групата на лошото?
Поуките на кои нè учат постарите се вистинити, но не можеме да живееме заробени во туѓите мисли и искуства без да имаме храброст да пробаме и да видиме каде ќе се пронајдеме ние.
Слушајте ги оние кои ве учат за нешто што го доживеале на своја кожа, прифатете ги мислењата дека треба да се вклопите во масата на луѓе кои живеат на одреден начин, па дури и пробајте, но сами одлучете како сакате да го живеете својот живот.
На крај, сепак имаме само еден нели?
Автор: Водолија
Доколку сакате да ни раскажете некој сегмент од вашето секојдневие, да споделите животен предизвик или радост, пишете ни тука!