Ќе се трудиш, ќе го сакаш, ќе правиш сè за него - и ќе го начекаш со друга во кревет
Го сакаш. Му ги даваш најдобрите години од животот, твојата младост, твојaтa доверба и сè што си постигнала, сè што си создала со свои раце.
Му доверуваш. Му се доверуваш. Сè она што си таела со години, оние тврдини што си ги подигнала да не види никој каква си, како дишеш, како функционираш, ги рушиш заради него...
Сè си му кажала нему. Сите тајни, една по една. Сте создале дом, ваше место, ваше катче каде што го планирате и каде што ќе го живеете вашиот живот.
И еден ден, денот на неговото раѓање, ти одиш во онаа скапа слаткарница да ја подигнеш тортата која ја нарача пред еден месец, а штедеше два за да ја платиш.
Закачуваш три свеќички и со насмевка на лицето замислуваш каква ли желба ќе посака.
Размислуваш – скромен подарок, не е ни одблиску онолку колку што тој заслужува, но сигурна си дека ќе му се допадне, сепак...
Можеби баш денес ќе те побара за жена, можеби може да ви биде уште поубаво, уште побајковито. И одиш по улица барајќи такси за да стигнеш дома навреме, а во меѓувреме се смееш од шестка до шестка, озарена и пресреќна, ги заслепуваш луѓето кои ти идат во пресрет со твојот совршен живот оцртан во насмевката на твоето лице.
Влегуваш во такси, и со задоволство му раскажуваш на љубопитниот таксист каде одиш и зошто си толку среќна.
Тој се насмевнува и ти вели дека одамна нема сретнато толку позитивна и среќна девојка и ти дава комплимент дека си му го затоплила возилото со твојата заразна радост.
Ти се смееш на цел глас додека патуваш и пред очи ти е само неговото лице, го замислуваш изразот на неговото преубаво лице кога ќе те види, што ли ќе рече, дали ќе ти ја украде втората половина од твојата неизмерна среќа...
И стигнуваш. Ја отвораш влезната врата, клучевите тропкаат, тебе пеперутките ти играат брејкденс во стомакот, музика ти го преплавила целиот мозок, целото битие...
И додека очекуваш ливчиња од роза послани по беспрекорно чистиот паркет, кои водат до прекрасно декорирана масичка како од филмовите снимени во Париз под месечина, каде тој те чека со шише ладен шампањ, две чаши и виолинист – сè што затекнуваш е многу гласна рап музика, измешани композиции од тенор и сопран и милиони гласни воздишки кои допираат до твојата психа како рој пчели пуштени на слобода.
Убијци. Веќе ги чувствуваш солзите како надоаѓаат – испратени од точниот заклучок кој штотуку заедно го донесоа твојот мозок и твоето срце, за првпат согласни околу нешто, додека ја отвораш вратата од големата спална соба која заедно ја декориравте и го гледаш последното сценарио што би сакала да го видиш.
Не, не последното сакано. Она несаканото. Не паднатото на памет.
Извалкана постелнина со неверство.
Тој и таа.
Некоја друга. Некоја која што не си ти.
Наместо да бегаш, што подалеку, ти седнуваш во неговата омилена фотелја наспроти креветот и полека го гасиш оној грд, ужасен рап, додека се ѕвериш со очи застаклени од солзи во свеќичките кои неуморно горат врз преубавиот син фондан на тортата.
Вилицата ти е закочена, додека се обидува да ја послуша наредбата од твојот мозок.
Да каже нешто. Што било да изусти.
Двете непознати лица на креветот се сепнуваат и мажот се обидува да ти каже нешто, но ти не го слушаш, не го капираш. Гледаш само отворање на една неверна уста и нејасни облици кои излегуваат од неа.
Тогаш стануваш, и ја чувствуваш, премногу солена и тешка, капката солза, првата врз твоите усни кои до пред малку уживаа смеејќи се.
Внимателно ја спушташ тортата на маса, и додека ги слушаш неговите чекори како се приближуваат до твоето стојалиште, ги гасиш свеќичките.
Се слушаш: „Досега сите желби веројатно веќе му се исполниле.“
И потоа стиховито плачејќи, ја бараш девојката која до пред 5 минути беше недопирлива.
Среќна поради моќниот пламен на една лажна и измислена љубовна историја, таа девојка како да испарила некаде во дивините на еден исто толку лажен и измислен универзум...
Автор: Наталија
Доколку и вие сакате вашиот текст да биде објавен, пишете ни тука!