Сакам да бидам мајка на твоите деца, но не и твоја сопруга...

Не, нема да ви раскажам бајка, ќе ви ја раскажам вистината, ќе ви раскажам што навистина помислив тој ден.

sakam-da-bidam-majka-na-tvoite-deca-no-ne-i-tvoja-sopruga-01.jpg

Дојде денот за кој од малечка сонував. Ладно октомвриско утро. Беше обичен како и сите други денови, ни навидум во твоето однесување не можев да насетам дека си ја донел конечната одлука.

Од работа трчав накај дома, ручав се облеков комотно и тргнав накај тебе. Ме пречека легнат на креветот гледајќи телевизија. Се ушушкав до тебе, затоа што ми беше многу ладно. Ме прегрна цврсто како никогаш до сега. Тогаш за прв пат во твоите очи видов загриженост и  сјај исполнет со прашалници. Ме галеше по косата како да сакаш да ми кажеш нешто лошо, па претходно се трудиш да ме утешиш. Неколку пати се трудев да добијам одговор што ти e, но ти упорно молчеше. Се извлече од креветот клекна пред мене на коленици, го извади прстенот и ме праша:

- Дали сакаш да бидеш моја сопруга и мајка на моите деца ?

Останав вкочанета, гледав далеку некаде низ тебе. Не успеав да откријам од каде ти текна сега ова, подобро беше кога молчеше.

Со тебе сум од моја 18-та година. Оваа година направивме дури цели 12 години заедно. Ме порасна, со тебе созревав, учев, плачев, од дете ме претвори во дама. Како под некој калап, точно ја изгради твојата идна сопруга, онаква каква што ти сакаше да биде.

Но зoшто ова? Толку многу те сакам, зошто мораше ова да ме прашаш и да ја уништиш цела магија меѓу нас. Собрав храброст, те погалив по косата и ти одговорив:

- Сакам да бидам мајка на твоите деца, но не и твоја сопруга.

Ме погледна зачудено, а кај мене во глава се вртеа илјадници прашалници:

- Што ако не сакам да бидам твоја сопруга, зарем тоа ќе смени нешто во нашиот однос?

- Што ако не те перам, пеглам, не ти готвам и чистам по дома, зарем помалку ќе ме сакаш?

- Зoшто морам да станам мајка, само ако сум во брак со тебе?

- Зoшто општествените вредности мора да бидат наклонети кон тоа да ги осудуваат жените кои не се во брак, а се мајки?

- Заради комшиите ли да се омажам за тебе?

- Не знам дали ќе те сакам кога ќе станам твоја сопруга. Тоа е премногу голема одговорност.

- До сега бев твојата поддршка, љубов и среќа - сега треба да се претворам во твоја домаќинка, мајка и бизнис партнер.

- Дали смеам ова да им го направам на моите деца, да ги родам во семејство кое не е општествено прифатено. Зарем нашето семејство, нема да биде семејство?

Во мене се бореа две личности. Едната онаа вечен бунтовник без причина, која целосно е предадена на својата слобода, алергична на сите пишани документи кои ја обврзуваат кон некого (заради тоа и никогаш немав земено ниту еден кредит од банка). Личноста која непрестано сака да се избори со ова општество и да ги смени сите норми на однесување.

Луѓето треба да се однесуваат онака како што се чувствуваат, а не како што мора.

Но, другата во мене е онаа нормалната, која што се претопува со сите вас,  ја губи секоја смисла на личниот идентитет. Знаев дека токму ова прашање беше еден од моите соништа. Заврши кавгата во мене која предизвика рој од солзи на моето лице. Те прегрнав силно и се одлучив:

- ДА! Сакам да бидам твое сè во животот.

Автор: Челичната дама

Доколку и вие сакате вашиот текст да биде објавен, пишете ни тука!

Би можело да ве интересира:

„Језиво“ е колку стана „нормално“ сите во Скопје да се изневеруваат Не знам дали на редовна база движите доволно низ градов, но ако малку повеќе сте...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg